Васил Гарванлиев ќе пее на отворањето на „Вон ѕидовите“

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Парадата на гордоста годинава повторно ќе се одржи на скопските улици, во физичкиот јавен простор. Во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија и во време на пандемија, активистите на ЛГБТ-заедницата ќе го одбележат Месецот на гордоста.

Слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“, а организаторите велат дека тоа е така бидејќи токму ЛГБТИ-заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нивните мали, приватни простори.

– Парадата им ја посветуваме на сите оние што ги поддржуваат правата на ЛГБТ-заедницата, но и на оние што се во страв и не можат да се откријат себеси. Изолацијата која сите ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТ-луѓе ја доживуваат цел живот, па затоа мотото оваа година е „Вон ѕидовите“ – изјави Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет рече дека епидемиолошката состојба дозволила втората Парада на гордоста да се одржи во живо, но со почитување на мерките и со засилени полициски контроли за општата безбедност на учесниците.

– Поучени од првата парада пред две години, која беше оценета како најдобра во регионот, поради безбедносниот аспект и присутните полициски службеници што им овозможија на учесниците да бидат безбедни. Се надевам дека и оваа година ќе биде исто и учесниците ќе можат да уживаат – изјави Пировска.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски потврди дека ќе има засилени полициски контроли за време на одржувањето на настанот.

– МВР ќе ги преземе сите мерки за настанот да помине безбедно и упатувам апел да се придржуваме до законите и се надевам дека, како и претходниот настан, и овој ќе помине во најдобар ред – рече Ангеловски. Тој посочи дека претставници на МВР постојано се во координација со организаторите на парадата.

Маршрутата на парадата ќе биде идентична на онаа од пред две години. Учесниците ќе се соберат кај Жена парк од 10 до 12.00 часот, а оттаму ќе се упатат кон Владата, па до Градскиот парк, кај Школка, каде што настанот ќе го отвори овогодишниот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев. По неколку обраќања на повеќе претставници и активисти за заштита на правата на ЛГБТ заедницата, ќе следува неколкучасовна музичка програма. Организаторите на настанот очекуваат околу 2.000 учесници, колку што имало и претходниот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот