Вашето бебе пробува да оди? Само кроце кроце, бидете околу него и без форсирање
Децата не треба да ги форсирате да седат, стојат или одат. Помагајте им, но кога ќе се уверите дека се подготвени сами да совладаат нови вештина, тогаш бидете нивната потпора.
Препорачано
Голем број родители едвај чекаат нивното бебе да почне да седи, да стои, а речиси не постои родител кој не бил во исчекување на првите самостојни чекорчиња.
Но, запаметете, споредбата на вашето дете со неговите врсници не е секогаш позитивна работа, затоа што секое дете си има свое темпо. Педијатрите советуваат да не го форсирате детето да прави движења на кои не е подготвено, затоа што така ќе му наштетите. Нивниот став е дека дури и порано да прооди, вашето дете нема да биде во никаква предност во однос на врсниците, ниту пак тоа ќе значи поголема стабилност.
Оставете го детето да лази
Најголем дел од бебињата почнуваат да лазат помеѓу седмиот и осмиот месец, а има и такви што ја прескокнуваат оваа фаза – и едноставно се исправаат.
Лазењето е добро затоа што им ги зајакнува мускулите на децата, зглобовите и р’бетот. Притоа, не се чудете ако детето лази „наназад“. На почетокот тоа ги открива работите со туркање со ноџињата и го истражува просторот. Постелете меко широко ќебе на подот, наредете играчки и легнете го вашето бебе на грб. За кратко тоа ќе почне да се врти и да посегнува по играчките и ќе лази наоколу.
Не ви треба дубалка
Дубалката е неизоставен дел од бебешката опрема, но денес лекарите, особено ортопедите и педијатрите укажуваат дека дубалката прави повеќе штета отколку развој. Бебињата кои уште не се подготвени да се задржат цврсто на нозете, стојат во дупката на дубалката и се потпираат на прстињата, иако стапалцата не им се целосно развиени. Иако ретко, може да доведе до низа деформитети на коленото и стапалото.
Затоа, оставете го детето да си „бродари“ по дома и да се пофаќа на мебелот и да истражува. Има време за сите фази.


