Вања има 27 години и се бори со рак, Ема на 22 години има Прадер Вили синдром: За нив нема вакцини затоа што се млади

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Пациенти без едно белодробно крило, со карцином, оперирани од мозочен удар, со дијабетес и висок крвен притисок и уште еден куп хронични болести, немаат приоритет при вакцинацијата против ковид-19 ако се помлади од 73 години, какви што се повеќето, или ако не се вработени во критичната инфраструктура, односно институциите на системот. Згора на тоа, Министерството за здравство не ги ставило во приоритетна група за вакцинација ниту лицата со ретки болести, па сите тие заедно со хронично болните, мора да чекаат да им дојде редот, според возрасната категорија.

Ваквиот начин на приоритетизација за вакцинација, предизвикува револт и чувство на обесправеност кај голем број на пациенти, коишто освен што живеат во страв за своето здравје во недостиг на големи количества вакцини, исто така и мораат да ги менаџираат своите хронични медицински состојби одејќи на работа и справувајќи се во здравствениот систем во голем дел пренаменет во ковид одделенија. Иако владата на почетокот на пандемијата ги препозна хронично болните како најкритични да добијат инфекција од Сарс Ков 2, па им овозможи да работат од дома со посебни потврди од специјалист, редот кога станува збор за вакцинацијата, не е таков. 

– Пациентите со карцином на бели дробови реагираат дека за нив нема приоритет. Тие се помлади и болеста некои од нив ги натерала да земат инвалидска пензија. Но, тие се само една група на пациенти за кои што нема приоритет. „Мој термин“ ги вади имињата и презимињата и ние како матични лекари смееме да им закажуваме само ним. Според мене, приоритет дефинитивно треба да имаат лицата со хронични заболувања, затоа што тие живеат во страв и бараат сигурност. Има пациенти со едно белодробие кое е извадено. Доколку тие добијат респираторен вирус, што ќе се случи со нив? Ќе им се уништи животот. Сметам дека тие што прележале ковид и имаат високи антитела, треба да се откажат од вакцината и да им дадат приоритет на хронично болните и луѓето со инфаркти, мозочни удари. Станува збор за луѓе кои се чуваат и една година не излегле од дома, оперирани од мозочен удар. Тие треба да имаат приоритет пред здравите, вели претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова.

Вања Мицевска е новинарка во Канал 77. Таа има 27 години и малигнитет. За неа вакцина уште нема затоа што е млада, иако во консултација со седум специјалисти, добила став дека може да се вакцинира. 

– Ова не е изолиран или личен проблем. Што е со онколошките пациенти кои не се во работен однос, или се дел од професија во која нема здружение кое обезбедило имунизација? Тие кои сакаат немаат како тоа да го сторат во догледно време освен ако не работат во критичната инфраструктура или не се повозрасни. Возрасните граници на канцерот се поместуваат и тоа е една жална вистина која надлежните треба да ја земат предвид. Имаме контроли, ехо, мамограф, редовна проверка на крвна слика кои не можеме да ги одложуваме и по болничките ходници имаме ризик да се заразиме, иако сме внимателни. Со новите соеви неизвесноста станува поголема и тоа можеби ја оправдува потребата да се стават онколошките пациенти во приоритетните граѓани за вакцинација независно од возраста. Од се срце чекам да бидам имунизирана и да се вратам таму каде припаѓам, меѓу луѓе, меѓу своите колеги, вели Мицевска за Слободен печат.

Ема Костоска од Скопје, има ретка болест Прадер Вили синдром. За оваа млада девојка што има 22 години, исто така нема приоритет за вакцина против ковид поради возраста. Нејзината мајка, Валентина Костоска вели дека оваа состојба на нејзината ќерка треба да ја смести во итни пациенти за вакцинација против ковид.

– Ема не би издржала ако добие ковид. Таа пие лекови за срцето, нема еден бубрег, поради синдромот развива превисока телесна тежина. Неа мора некој да ја чува 24 часа на ден за да не јаде, нам и фрижидерот ни е под клуч дома. Детето има ослабнувано по 60 килограми двапати во животот, има оштетено срце, дијабетес, алергии и прекини на дишењето во сон. Разговарав со доктори од Германија и Шведска и ми кажаа дека треба да е прва за вакцинирање против ковид. Но, верувам дека во Македонија им е страв да ја вакцинираат па затоа барем нека не стават сите со ретки болести на еден авион и нека не пратат во Германија, таму ќе се вакцинираме. Лицата со ретки болести во секоја нормална држава се приоритет за вакцинација веднаш после возрасните во старските домови и после медицинските лица, револтирано посочува за Слободен печат, мајката на Ема, Валентина Костоска, медицинска сестра.

Според националниот план за имунизација, дури кога ќе се обезбедат вакцини за 11 до 20 проценти од населението во земјава, ќе почне да се приоритетизираат луѓето на возраст од 18 до 65 години според нивните коморбидитети. Дури тогаш, здравствените состојби што се висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход, ќе бидат причина на луѓето што ги имаат, да им се даде предност при вакцинирањето. За нив во Националниот план за имунизација се предвидени 105 илјади вакцини. Во меѓувреме, има вакцинирани над 35 илјади граѓани вработени во критичната инфраструктура и меѓу нив има и луѓе кои веќе ја прележале болеста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот