Вакцинирањето против грипот помага и против коронавирусот

Вакцина против грип/ Фото: Profimedia

Познато е дека вакцинирањето ја зголемува отпорноста и против другите зарази. Едно истражување покажало дека донекаде може да се каже дека вакцинираните луѓе полесно поминуваат низ коронавирусот.

Луѓето кои биле вакцинирани против грип имаат помала веројатност да бидат заразени со коронавирусот и имаат помала веројатност да доживеат компликации, покажува студијата на научниците од Универзитетот во Мичиген.

Научниците од Универзитетот во Мичиген, предводени од Ана Колон, анализирале релативно голем број граѓани: 27.201 лице кои биле следени за влијанието на пандемијата на коронавирусот. До 15 јуни 2020 година, нешто помалку од половина од нив – 12.997 биле вакцинирани против грип.
Резултатот од нивната студија, објавена во „Американскиот журнал за контрола на инфекции“, гласи: 4,0 отсто од вакцинираните против грип се заразиле со коронавирусот – во споредба со 4,9 отсто во групата невакцинирани.

Научниците исто така утврдиле и дека оние кои биле вакцинирани против грип, имале поретки компликации и кај коронавирусот, помалку од нив морале да одат во болница и помал број да бидат ставени на респиратор. Статистички, и нивниот престој во болница бил нешто пократок.
Во однос на смртноста, било тешко да се утврди некоја разлика, бидејќи и примерокот бил екстремно мал: во апсолутните бројки, станува збор за 696 случаи заразени со коронавирусот меѓу невакцинираните против грип и 520 случаи на инфекција меѓу вакцинираните.

Или има и други причини?

Всушност, веќе одамна е познато дека вакцинирањето начелно го зајакнува имунолошкиот систем: уште пред многу години се објавени студии кои покажуваат дека децата кои се вакцинирани против сипаници уште долго време покажуваат поголема отпорност против целата низа на патогени, отколку децата кои не биле вакцинирани.

Така, би можело да се најде и микробиолошкото објаснување дека оваа научена отпорност од некоја вакцина, исто така, во одреден степен дејствува и против типичниот протеин на коронавирусот.
Но, постојат и други елементи поради кои е тешко да се даде точен одговор: луѓето кои редовно се штитат против грипот, по правило се многу попретпазливи кон своето здравје, многу од нив затоа што спаѓаат и во ризичните групи – како постарите лица или луѓето кои страдале од сериозни болести.

Од друга страна, важно е сознанието дека вакцинираните луѓе поминале полесно низ коронавирусот – и токму кај постарите лица текот на инфекцијата со ковид-19 е обично потежок.
Искуството од Холандија исто така сведочи дека тоа, сепак, има некоја врска со целокупниот имунитет, односно со отпорноста. Вработените во локалните болници кои пред зимата 2019/2020 година биле вакцинирани против грип – поретко биле заразени со коронавирусот отколку оние кои не биле вакцинирани. А, се разбира, меѓу таа популација нема постари лица и повеќето имале контакт со заразени со коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот