В недела почнува летното сметање на времето – што тоа значи за нашиот организам?

Пред нас е летното сметање на времето кое годинава почнува на 26 март, што значи еден час помалку спиење, но и назнака за сѐ посончеви, потопли и подолги денови.
Викендов, в недела наутро стрелките на часовникот од 2 часот ќе се поместат на 3 часот, со што ќе почне летното сметање на времето за оваа година и ќе трае до 29 октомври кога ќе се вратиме на зимското време
Пократкото спиење носи малку стрес за нашиот организам бидејќи му треба време да се навикне на новиот ритам на спиење и будење. Според некои истражувања, тој еден час „украден“ од нашиот сон е одговорен за чувството на ненаспиеност, главоболки, оптоварување на срцето и поголем број сообраќајни незгоди, бидејќи поради ненаспиеноста концентрацијата е послаба.
Поместувањето на часовникот не е природно за човечкото тело, што всушност треба да биде во согласност со природните циклуси, а не со стрелките на часовникот.
Нашето тело има свој ритам и е навикнато да спие одреден број часови, да се буди во одредено време итн. Ако тоа му се наруши, го доживува како стрес, поради што му се неопходни неколку дена да се прилагоди.
Бројот на луѓе кои завршуваат во итната медицинска помош поради срцев удар е зголемен за околу 25 отсто во деновите по поместувањето на часовникот на летно сметање на времето, а повеќето од нив се женски пациенти, покажуваат некои истражувања.
Оние кои знаат дека страдаат од срцеви проблеми треба особено да внимаваат што пијат и јадат во тие денови и да избегнуваат поголем физички напор.
Летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 3 часот наутро.