Утрово е уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини
Утрово е уапсен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини.
Препорачано
Сејдини е осомничен за проневера на сума од над 700.000 евра од УЕФА, кои биле доделени за трибина во Охрид.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода М.С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба“, потврдија од МВР.
Информацијата исто така ја потврдија и од Основното јавно обвинителство во Скопје.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“.
Претходно, сомнежи за работењето на Сејдини изнесе и актуелното ново раководство на федерацијата, предводено од Масар Омерагиќ.


