УТРИНСКИ БРИФИНГ | Тодоров: Проблем на Бугарија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатор

проф. Петар Тодоров, историчар /Фото: Утрински брифинг

По повод изјавата на премиерот Зоран Заев околу потребата да се редефинира тоа како ние го третираме учеството на Бугарија во Втора светска војна, гостин во денешен Утрински брифинг беше историчарот, професор Петар Тодоров.

Тодоров вели дека ние во нашата државамногу лесно се расфрламе со терминот фашизам, дека многу лесно го употребуваме многу пати и каде што не му е местото.

-Истото тоа се правело и во 1945 година, комунистите често ги користат тие термини (фашизам, фашистички) за да ги дисквалификуваат своите политички противници, вели Тодоров за Утрински брифинг.

Тодоров вели дека во науката постојат сериозни дебати, кои не се политикантски, за тоа дали Бугарија може да се смета за фашистичка држава или не.

-Во тоа време има десетина формации во Бугарија кои се профашистички. Имало и партизански, но неспоредливо со претходните. Во Бугарија во периодот 1934-44 годива всушност има беспартиси режим, нема парламент, царот владее со негови луѓе, некои од фашистичките организации се дел од власта, како и некои политики на бугарската влада се фашистички. Таков пример е Законот за заштита на нацијата кој е дискриминаторски кон Евреите, но таков имало и во Југославија во 1940 година. Некои авторитарни постапки на власта не се дел од фашизмор, како што е во Италија, вели Тодоров.

Тодоров за Утрински брифинг потенцира дека не може да игнорира оти Бугарија е дел од фашистичката коалиција.

-Проблем во односите со Македонија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатор. Таму (во Бугарија) се вели дека не биле окупатор туку дека ја ослободле Македонија. И тука е проблемот, вели Тодоров.

Тој смета дека ние не треба да градиме негативни односи во учебниците воопшто, не само за Бугарија. Тодоров потсетува на бугарските флоскули „еден народ две држави“ и „бугарски земји“ кои се користат за околчување, па потоа сѐ што е внатре се вели „ова е мое“ и оттука се градат политики кои Балканот виде дека се штетни, потсетува Тодоров.

Кога политичар коментира за историја оди на тенок мраз и обратно, коментира Тодоров.

-Пишување учебници е сложен процес, вклучува повеќе актери и фази и треба време. Може да вклучува политика, но експертите го даваат концептот. Но, мора да се земе предвид светската наука и она што подобро ја објаснува денешницата, вели тој.

Историското образование треба да поттикнува критички став. Тодоров вели дека мултиперспективноста погрешно се разбира, тоа значи не е само да се дадат двете претстави туку да се објаснат тие перцепции.

-Така ќе се одземе историјата како алатка за радикализација. Такво е современото разбирање на историјата. Сѐ друго води кон граѓани кои може лесно да бидат манипулирани од политичките елити, нагласува Тодоров за Утрински брифинг.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот