Утре во Бруталиск промоција на „Креативниот демон на глупоста“ од Мирослав Грчев

Во Бруталиск – културен простор во близина на владината зграда на Илинденска – утре (петок) во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Креативниот демон на глупоста“ од Мирослав Грчев. Станува збор за збирка колумни, кои авторот ги објавуваше во „Слободен печат“ во периодот 2019-2021 година, а под заеднички наслов деновиве ги објави книгоиздателството „Темплум“ на Никола Гелевски од Скопје. Промоцијата на „Креативниот демон на глупоста“ – низ разговор помеѓу издавачот Гелевски и авторот Грчев – е дел од програмата на Новогодишниот саем на книгата на „Темплум“.

Мирослав Грчев (1955), редовен професор по урбанизам на Архитектонскиот факултет во Скопје, важи не само за авторитетен стручњак во урбанизмот, туку и за врвен интелектуалец. Се занимавал со карикатура, со анимиран филм, со графички дизајн, со кратки осврти, анализи, есеи и со студии присутен е во културно-политичката јавност речиси три децении. Пишувал, и пишува – беспоштедно, бескомпромисно, жестоко, учено и, не помалку важно, ПИСМЕНО, на ниво што е недостижно за многумина (само)прокламирани „автори“ – на многу различни теми: за судбината на градот, за ерозијата на вредностите, за глупоста воопшто и за политичката посебно, за злоупотребата на моќта… накратко за „удолниот релјеф на времето“, како што гласи поднасловот на оваа негова најнова, четврта книга колумни (досега се објавени „Името на злото“, „Фашизам во куси панталони“ и „Пирови победи на патот за Европа“).

Еве го првиот текст-пролог во книгата со над 80 брилијантни анализи што ќе останат и важни и актуелни многу, многу подолго од времето кога првично (во весникот) го виделе светлото на денот:

„Со сигурност знаеме дека хомосапиенсот потекнува директно од македонскиот бел стаорец-итроман што пред 65 милиони години, кога умирале џиновските пептили, решил пар децении да престојува во своите подземни простории, во безбеден земјен меур. Кај македонскиот сапиенс тој меур со текот на времето еволуирал во ментален, во една сосем специјална дарба за неразбирање која обично ја нарекуваме глупост“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот