Утеха во време на голема несреќа
Останете дома за да не се претвориме во жртви на таквите малкумина имбецили. Внимавајте на себе, затоа што така внимавате на другите. Тоа е она што би требало да го правите, ако навистина сме граѓанско (цивилно!) општество и да се надеваме дека оваа ситуација ќе нѐ освести и насочи кон таквата форма на општествена одговорност.
Лешкариме во кревет со мојот син, тој на таблет ги гледа своите омилени видеоклипови, а јас се обидувам да разберам што, по ѓаволите, се случува. Претседателот Пендаровски, слушам вести, само што објави вонредна состојба на целата македонска територија. Да бидам искрен, по малку ме фаќа паника од помислата дека доаѓаат оние денови во кои ќе бидеме максимално изолирани. Море, добро е, си велам, имаме болни луѓе од коронавирусот, ама немаме мртви. Па, добро, потоа помислувам, не сум натчовек, што да правиме, ќе седиме дома, за толку можеме. Дури и помислувам, онака автоиронично, го имаме ние Супермен, во крајна нужда тој секогаш ќе нѐ спаси.
Препорачано
Сиот свет алармира за коронавирусот, светот последниве недели станува непрепознатлив. Вонредната состојба, ама се повторувам, сега веќе стана официјална. Стравувам за моето дете, но исто така знам дека на другиот крај постои некој друг родител што се плаши за своето дете, па некако на човека му станува подобро, ако е тоа вистинскиот збор.
Го одолговлекувам пишувањето, го одолговлекувам преминувањето на конкретната работа, затоа што не можам да поверувам на своите очи и уши, па кликам на „Гугл“, отворам страници, ги проверувам изворите на вестите кои ги читам, а потоа се враќам на „моите страници“ за црн хумор. Хуморот е добар, ни помага да не побудалиме од медиумската хистерија поради досега, како што велат официјалните институции, најголемиот масовен вирус што е комплетно непознат за микробиолозите и инфектолозите. Дојдовме дотука, а веруваме дека 21 век е најбезбедниот век во историјата на целото човештво поради високиот степен на технологија и моќта дека можеме да се справиме со големи пандемии.
Повторно ме гризе совеста колку луѓе се свесни за ситуацијата. За жал, повторно има примери кои доведуваат до неодговорност на поединци. Има шанса да биде залудно купено сето време, ќе биде залуден сиот медицински персонал, ќе бидат залудни сите болници ако само за момент некој од нас се прави „будала“ затоа што буквално секој може да биде доведен во прашање. Во целата лудница и психоза од коронавирусот, конечно се појави влада која работи одговорно за сите граѓани на нејзината територија. И добро размислете кога сакате да завршите некоја работа по „скратен пат“. Затоа што одговорноста за сите нас повеќе не може да се заврши со врска, со партија, со вртење на телефон. Денес ни треба потпора од институциите што се тука да нѐ штитат во вакви ситуации.
Истото вакво однесување – фала му на бога засега само на мал број неодговорни поединци – доведе до хорор во Италија. Излегува дека во борбата против оваа грозна болест не можеме да сметаме на разумот на граѓаните. Одговорните доктори и медицинскиот персонал засега се единствената шанса што ја имаме. Овие луѓе ги загрозуваат своите животи затоа што сите ние сме загрозени. Не сакам да судам, затоа што јас судија не сум, ама се плашам дека казната ќе ја добиеме сите. Затоа што денес сите гледаат колку еден систем во една земја е важен, сите гледаат колку општеството во целина е важно, затоа што сите заедно со секое нешто во овој космос сме поврзани, на овој или оној начин сме зависни едни од други, денес многу повеќе отколку порано.
Не е во ред ни тоа кога големите несреќи нѐ обединуваат и потсетуваат, на крајот на краиштата, дека сите сме браќа и сестри.
Сега е важно да го вклучиме мозокот. Битно е да ни оздрави и она малку мозок што ни остана и да се однесуваме онака како што ни велат надлежните институции. Да потсетиме уште еднаш дека неодговорноста во Италија ја чинеше оваа земја голема несреќа со која се бори со недели.
Вие може да се смеете, ама џабе ни е сета тоалетна хартија на овој свет, оти кога ние нешто ќе засе*еме, тоа ни пожарникарските црева не можат да го исперат. А денешното с*ање со коронавирусот е последица од сите наши прехранбени навики, нашиот „канибализам“, пред сѐ мислам на нашата лична бесчувствителност и себичност. И за ова треба да биде свесен секој дрзок и саможивен тиквар што ќе помисли дека некоја врска и „вистински“ телефон ќе го спаси од можниот ужас на коронавирусот.
Останете дома за да не се претвориме во жртви на таквите малкумина имбецили. Внимавајте на себе, затоа што така внимавате на другите. Тоа е она што би требало да го правите, ако навистина сме граѓанско (цивилно!) општество и да се надеваме дека оваа ситуација ќе нѐ освести и насочи кон таквата форма на општествена одговорност. И можеби е време да се помолиме на оној бог во кој веруваме дека работите нема да се претворат во катастрофа. Свесен сум дека можеби „малку го тупам“, ама од друга страна не тупам јас, туку ужасот кој ме опседнува и неверицата која не ме напушта. Не можам да поверувам дека некој на планетата Земја е толку глупав и саможивен што не може да му дојде од газот во главата дека може да предизвика огромна штета ако само за момент се прави мангуп. Барам мала утеха во големата несреќа. И да не се мајмунисуваме, почитувани читатели – да останеме дома.


