Усвоена загрепската декларација, потврдена европската перспектива за регионот

Декларацијата усвоена вчера се фокусира првенствено на кризата со коронавирусот и солидарноста помеѓу двете страни во надминувањето на пандемијата и нејзините социоекономски последици.

Во услови на глобална санитарна криза, лидерите на западниот Балкан и на Европската Унија успеаја да го задржат загрепскиот самит на дневен ред, знак, според нив, дека регионот останува „апсолутен приоритет” за ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Декларацијата усвоена вчера се фокусира првенствено на кризата со коронавирусот и солидарноста помеѓу двете страни во надминувањето на пандемијата и нејзините социоекономски последици.

Пакетот од 3,3 милијарди евра распределен според потребите на сите шест земји од регионот и пристап до инструменти исклучиво отворени за земјите членки за да им се овозможи на земјите од регионот побрзо и поефикасно да дојдат до потребните заштитни и медицински опреми, се само некои од иницијативите кои ЕУ ги воведува за да ја покаже својата посветеност кон Балканот.

А, штом започнат преговорите за повеќегодишниот буџет на Европската Унија (2021-2027), ЕУ се заложи дека посебно внимание ќе биде посветено на западниот Балкан преку етаблирање на таканаречениот Економски и инвестициски план, кој има за цел да го помогне економското закрепнување на земјите од регионот.

Сите фондови кои ЕУ ќе ги става на располагање за регионот ќе бидат предмет на строга контрола од страна на институциите на ЕУ, а во случај на злоупотреба на парите, одговорноста ќе биде кривична.

Иако самитот не беше посветен на проширувањето како процес, заложбите за ЕУ перспективата на регионот не изостанаа, меѓутоа во поблага форма од пораките дадени во 2000 и 2003 година во Загреб и Солун.

Процесот на проширување и пристапните преговори разоткрија бројни слабости со тек на време. Двете земји кои моментално преговараат со ЕУ, Србија и Црна Гора, вчера беа рангирани како „хибридни режими” односно нецелосни демократии, што ја потврдува тезата на оние земји членки на ЕУ кои бараа промена на процесот на преговарање, како Франција.

Во овој контекст, топло беше поздравено усвојувањето на новата преговарачка методологија, како и одлуката за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Новата методологија, потсетија ЕУ челниците, ќе овозможи и забрзување на евроинтегративниот процес за земјите кои имаат политичка волја и капацитет за тоа, преку создавање поефикасен и пополитички процес.

– Демократските стандарди постојат за да овозможат забрзување на процесот, преговорите се трансформативен процес и колку е земјата поангажирана повеќе напредува, како и да е “останување на паркингот” не е поттик, изјави Андреј Пленковиќ, хрватскиот премиер чија земја претседава со ЕУ до први јули.

Хрватскиот премиер оцени дека ЕУ испорачала во однос на очекувањата на земјите од регионот, додека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсети дека “до пред неколку месеци”, ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, алудирајќи на блокадата за преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен, разлики кои се денес надминати, тврди ЕУ.

-Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Северна Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со Ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите, додаде Мишел.

Процесот, меѓутоа, неизбежно ќе се забави поради глобалната санитарна криза.

– Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување, призна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Сепак, за неа, кризата може да се искористи за да се консолидира процесот.

Еден од предлозите на Комисијата, е, подоцна во текот на оваа година, како дел од преговорите за буџетот на ЕУ, да се понуди и широк „Економски и Инвестициски План” за регионот за да им се помогне на земјите и на компаниите да се справат со финансиските последици од кризата.

-Ако сме паметни и обединети можеме да ја искористиме кризата за да се зближиме, по рестриктивните мерки ќе следи огромна економска штета, и ако се движиме кон програма за закрепнување, како што е инвестицискиот пакет, во кој ќе се фокусираме на поврзување, дигитализација и на Зелениот пакт, можеме заедно да го надминеме ова, рече Фон дер Лајен.

Европската перспектива е потврдена од страна на земјите членки и на институциите на ЕУ, стои и во завршната декларација, а таа перспектива останува во најголем дел во рацете на земјите од регионот и нивниот реформски капацитет.

-За време на оваа средба имавме прилика да ја потврдиме уште еднаш европската перспектива на партнерите од западниот Балкан, потврдувањето е многу важен сигнал дека треба да продолжат реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, рече претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот