Уставен суд укинал одредби и овозможил драстично поголеми плати за функционерите

Уставен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто. Уставните судии, всушност, одлучувале и за самите себе, бидејќи и тие спаѓаат во групата на вршители на функции на кои им се отвора законска можност да бидат „почестени“ со речиси двојно повисока плата од сегашната.

Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, велат од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Тука спаѓаат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Иницијативата е поднесена од адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 март, само четири месеци по поднесувањето, што е прилично брз рок, споредено со други иницијативи кои со години чекаат Судот да одлучи по нив.

Во гостување на ТВ „24“, за одлуката зборуваше Трпе Деановски од Синдикатот на УПОЗ.

„Од една страна замрзнуваат цени, а од друга страна Уставен суд носи одлука со која што само на функционерите им се поврзува платата со просечната плата и само функционерите добиваат огромно зголемување на плати. Процентуално изразено, тоа е 78 отсто зголемување на нивните плати. Тоа во државата никогаш не го имало“, рече Деаноски.

Според груба пресметка на УПОЗ, со оваа одлука на Уставниот суд, платата на претседателот ќе скокне од 93.000 денари на 165.000 денари. Платите на премиерот, Димитар Ковачевски, и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се зголемат на околу 2.500 евра. Месечните примања на министрите, пак, ќе изнесуваат околу 1.800 евра.

Од УПОЗ појаснуваат дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата, и таа сума ќе се множи со коефициентот.

„Просечната бруто плата за 2022 година е 47.700 денари. Кога ќе се помножи со коефицентот од член 12 од истиот закон, а почнуваат од 2.20 до 4.50, значи пресметано во денари или во евра, пратседателот, собранискиот спикер и премиерот ќе имаат плата од 2500 евра, министрите околу 1800 евра, другите фукнционери и судиите околу 1600 евра“, велат од УПОЗ.

Покачувањето треба да следува веќе од идниот месец. Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски, попладнево на социјалните мрежи напиша дека се откажува од зголемувањето на платата.

„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите. Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша Муцунски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот