уставен суд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Уставен суд го укина „балансерот“ – сите кои се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа

Помалите заедници треба да ја поздрават одлуката, а не да треперат дека правата им се злоупотребени, рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски

Со мнозинство гласови, Уставниот суд го укина „балансерот“ – алатката за вработување во државните институции според национална припадност. Одлуката нема да важи ретроактивно, а сите што се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека решението е во корист на помалите заедници, а до политичарите апелираше да ги почитуваат нивните одлуки и да не ги политизираат и етнизираат.

– Манипулација е дека се укинуваат правата на граѓаните. Темелната вредност постои во Уставот и не можеме да ја отстраниме. Нема орган во нашата држава што не прави годишни планови за застапеност, но не случајно реков дека сега законодавецот има уставно допуштен начин како ќе го спроведе тоа. Не може да настане никаков правен вакуум. Додека законодавецот не смисли решение што повторно ќе биде во рамките на нашата одлука, стапуваат на сцена другите уставни принципи. Ако го разгледате Уставот, единствен принцип за кој се залага е стручност и компетентност – изјави Костадиновски.

Според Костадиновски, неспорно е дека „балансерот“ предизвикал многу злоупотреби, но тоа што за него е важно е дека оваа одлука треба да биде поздравена од помалите заедници, а не „да треперат дека правата им се злоупотребени“.

– Помалите заедници се жртва на злоупотреба на овој механизам. Македонци се запишуваа како Албанци, Турци, Власи за да се вработат, а потоа по еден месец ќе го променат чувството на етничка припадност, што е исто така загарантирано со Устав. Со ваквиот пристап, ова одеше во штета на помалите етнички заедници – рече Костадиновски.

Иницијативата за укинување на „балансерот“ во јануари ја поднесе претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Оспорени беа член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица што дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот