Успешна Македонка во Австрија: Д-р Слаѓана Стошиќ, лекарка специјалист во главната Виенска клиника

Д-р Слаѓана Стошиќ е единствената Македонка лекарка специјалист во главната Виенска клиника, која е и голем европски медицински центар, АКХ. Работи рамо до рамо со врвни европски и светски специјалисти и покрај на клиника, работи на многу истражувања поврзани со белодробните болести на Универзитетот во Виена. Моментално пулмологија одделот во АКХ е и ковид – оддел, така што е во тек со новите сознанија за борба со ковид 19. 

Oд студент на медицина во Македонија, до лекар специјалист во главната клиника во Виена, која не е само автриски, туку и значаен клинички центар во европски рамки. Каков беше патот до таму?

Моето работно искуство овде го започнав веднаш после завршување на студиите, иницијално како докторант, а подоцна како специјализант по интерна медицина и пулмологија. Покрај стручниот аспект, многу други елементи, како потполно различниот административен и функционален систем, германскиот јазик како и австрискиот менталитет, беа огромни предизвици за мене. Секако дека се работи за компетитивна средина, има услови за напредок, и иако на почеток тоа е недостаток, со текот на времето доаѓањето од друга култура стана за мене предност. Патот не беше лесен, и понатаму не е, но мојата најголема мотивација е јас да се надминам себеси и да си поставувам нови цели. Од моето 11-годишно искуство овде, можам да кажам дека постојаниот фокус на своите цели, истрајност и напорна работа, неминовно водат до успех.

Секој медицински работник носи дел од одговорноста и првиот чекор е да се сфати дека секој е битен, и со своите постапки може да направи разлика. Секој лекар треба да биде неприкосновен во својата стручност и да постои клима за дискусија.

Од искуството овде, кои се трите најпроблематични точки во јавното здравство во Македонија и кои три суштински реформи може да дадат одговор на тие проблеми?

Мислам дека има повеќе проблематични точки и мое мислење е дека првично не треба да се фокусираме на специфични проблеми, туку да го промениме ставот дека едноставно имаме ограничени ресурси и мораме да ги прифатиме работите како што се. Мислам дека секој медицински работник носи дел од одговорноста и првиот чекор е да се сфати дека секој е битен, и со своите постапки може да направи разлика. Секој лекар треба да биде неприкосновен во својата стручност и да постои клима за дискусија.

Понатаму, здравствениот систем треба да биде прилагоден на потребите на пациентите, а не обратно.  Секако дека тука треба да се промени и законската регулатива, односно во индивидуални случаи да може брзо и ефективно да се донесе одлука во корист на пациентот, бидејќи на крајот од денот тоа е целта на нашиот систем.

Едукацијата на пациентите во примарното и секундарното здравство е енормно битна, исто така свесноста за своите права како од страна на пациентите, така и од страна на медицинскиот персонал.

Што најмногу ви недостасува од Македонија, освен блиските?

Ми недостасуваат прошетките во градот во кој имам израснато, случајни средби со пријатели од младоста и едноставно, нашиот менталитет.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот