Урбанизација или бетонизација: Во ДУП-от на Ѓорче Петров зацртана дури 21 зграда, највисоката на 20 ката

Фото: Фејсбук/Наше Ѓорче

Градоначалникот Александар Стојкоски на Фејсбук, веднаш по седницата се пофали дека со изгласувањето на овој план овој дел од општината ќе стане модерно и урбано место за живеење, дека ќе се изгради и ново училиште и градинка и парк, но заборави да спомене колку нови згради се планираат со планот и дали со него ќе се изврши бетонизација на населбата, како што пред неколку години предупредуваа граѓаните.

На вонредна седница, која се одржа вчера, во сабота, советниците во Советот на Општина Ѓорче Петров гласаа Детален урбанистички план и го донесоа со ниту еден глас против, иако во него се вцртани дури 21 зграда со висина од 7 до 20 ката. Станува збор за ДУП за Градска четврт С3 16 кој го опфаќа и делот кај кружниот тек на булевар Партизански одреди пред пазарчето во Ѓорче Петров.

Градоначалникот Александар Стојкоски на Фејсбук, веднаш по седницата се пофали дека со изгласувањето на овој план овој дел од општината ќе стане модерно и урбано место за живеење.

Изгласаниот ДУП се простира на делот од новиот кружен тек помеѓу Ѓорче Петров и Влае, непосредно до населбата Александрија, па сѐ до наплатниот пункт на ЕВН непосредно пред мостот кон Даме Груев, со што се опфаќа целиот простор спроти пазарот во Ѓорче Петров. Со урбанизирање на овој дел од општината, овозможуваме изградба на ново основно училиште, нова детска градинка, нов парк од 10.000 м2 во срцето на Ѓорче Петров, дополнителни нови 8,5 хектари зеленило надвор од градежните парцели (повеќе од предвидениот законски минимум), нови детски игралишта, нов спортски центар, ново булеварско решение, нов трговски центар, нови развојни погони и катна гаража,  информира градоначалникот.

Стојкоски тврди дека овој план, во кој за првпат по 50 години е обезбедена локација и за изградба на ново училиште во Ѓорче Петров, ги исполнува сите урбанистички норми, дека бил носен во партнерство со граѓаните и дека за него освен граѓаните, позитивно мислење дале и сите вклучени институции, вклучувајќи ги и Министерството за транспорт и врски и Министерството за одбрана.

Фото: ДУП Градска четврт С 316 на Ѓорче Петров

Но, градоначалникот информирајќи за донесениот ДУП заборави да спомене колку нови згради се планираат со планот и дали со него ќе се изврши бетонизација на населбата, како што пред неколку години предупредуваа граѓаните.

Со новиот ДУП веднаш до кружниот тек на влез во општината ќе никне бетонски блок од 42.000 метри квадратни станбен и деловен простор со висина од 65 метри, предупредуваат граѓаните од фејсбук групата „Наше Ѓорче“. Според нив, тоа се 4000 нови станови, односно 12 илјади нови жители.

Според она што може да се види на планот од кружниот тек ќе се пробива нов булевар од десната страна на Партизанска. Покрај вкрстувањето на двата булевари се предвидени два станбени блока, едниот покрај Партизанска со височина од 65 метри каде треба да се гради зграда со приземје и 20 ката, а другиот висок 56 метри на почетокот на новиот булевар, каде се дозволени 18 ката, поточно приземје и 17 ката. По должина на булеварот што ќе се пробива, по целата негова лева страна тргнувајќи од кружниот тек се наредени висококатници. Најпрво е споменатата п+17 ката, потоа две 14-катници, па две на 12 ката односно п+12+Пк, па една десеткатница, по неа следуваат уште две 14-катници и на крајот уште една зграда на 10 ката или како што стои во планот П+9+Пк. Во внатрешниот дел има и седум згради на седум ката, уште пет на 9 ката.

Дел од предвидените висококатници во ДУП С3 16

Пред три години граѓаните здружени во Иницијативата против урбано дивеење во Ѓорче Петров, во времето кога градоначалник беше Александар Наумовски, реагираа и протестираа против ДУП-овите со кои се предвидуваа изградба на згради во населбите Дексион, Хром, кај пазарот. Тогаш предупредија дека во ДУП СЗ 16 се предвидени 10-катници и 20-катници спроти пазарот во Ѓорче, на паркингот и покрај кружниот тек, дијагонално од Порта Влае.

Иницијатива против урбано дивеење: Не сакаме облакодери во Ѓорче Петров

По усвојувањето на ДУП-от на вонредната седница од Иницијативата први го поздравија донесувањето на планот.

Со овие проекти конечно централното подрачје во нашата општина ќе добие објекти кои се од исклучителна важност за непречено секојдневно функционирање и голем број на нови зелени површини. Шест години нашата битка беше против насилна бетонизација на општината. Конечно имаме слух за нашите барања. Новите паркови и зелени површини конечно стануваат реалност, соопштија Иницијативата против урбаното дивеење.

Иницијативата против урбаното дивеење го поздрави зелениот проект за Ѓорче Петров

На прашањето од „Слободен печат“ дали во ДУП-от се избришани некои од зградите или сега висококатниците не пречат затоа што има повеќе зелени површини, од Иницијативата против урбано дивеење нема конкретен одговор. Оттаму велат дека се договориле да бидат исполнети очекувањата на сопствениците на имотите.

За носењето на овој план имавме сериозни разговори со повеќе засегнати државни институции меѓу кои Министерството за транспорт и врски, Министерството за одбрана и општината Ѓорче Петров. Повеќе од 6 години водевме макотрпни преговори и на крај консензуално се договоривме заедно низ транспарентна јавна анкета да бидат исполнети очекувањата на граѓаните кои се сопственици на имотот кој се наоѓа тука во рамките на профатливиот градежен габарит согласно сите правилници, потребите на приватните стопанственици кои можат да се шират единствено во насока на лесна и незагадувачка индустрија, потребите на граѓаните кои се од социјално – образовен и едукативен карактер, како и за нас најважното гарантираниот процент на зеленило за заштита на животната средина, одговорија од Иницијативата.

Според нив со вака донесениот план ќе се создадат 140.000 м2 зелени површини од кои 10.000 м2 ќе се издвојат за парк со сите пропратни содржини, со што по процент на зеленило го прави најзелен урбанистички план во Скопје.

Со зеленило или не, во овој дел од Ѓорче Петров ќе се изградат еден куп згради. За дел од граѓаните тоа е урбанизација, за други е бетонизација. Останува нејасно само зошто мораше овој ДУП да се носи на вонредна седница и тоа во сабота.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот