Универзитетот Харвард го прогласи легендарниот актер Мајкл Китон за маж на годината
Легендарниот американски актер Мајкл Китон е избран за маж на годината за 2026 година од страна на „Хејсти пудинг тиетрикалс“ (Hasty Pudding Theatricals), познатата театарска група при Универзитетот Харвард, пренесува „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Од оваа организација, која е основана во 1844 година и се смета за третата најстара активна театарска трупа во светот, соопштија дека Китон ќе ја прими престижната награда „Пудинг пот“ (Pudding Pot) на свечена церемонија што ќе се одржи на 6 февруари. По доделувањето, тој ќе присуствува и на изведбата на 177. продукција на „Хејсти пудинг“, насловена „Салунски лудории“ (Salooney Tunes).
„Хејсти пудинг тиетрикалс“ традиционално ги наградува уметниците кои оставиле силен и долготраен белег во светот на забавата.
Китон, актер номиниран за Оскар и добитник на наградата Еми, се прослави со улоги во култни филмови како „Бетмен“ (Batman), „Човекот-птица“ (Birdman), „Битлџус“ (Beetlejuice) и „Во фокусот“ (Spotlight).
Во поново време, тој беше режисер и главен актер во краткиот филм „Слатка вода“ (Sweetwater), а исто така глумеше и беше извршен продуцент на осумделната мини-серија „Зависен од дрога“ (Dopesick) на Хулу.
„Тој беше Бетмен, потоа човекот-птица, а сега најважно, тој е Пудинг мен! На Китон не му се непознати улогите на суперхерои, но останува да видиме дали тоа искуство ќе му донесе и ‘Пудин пот’. Со нетрпение очекуваме да го пречекаме на 6 февруари. До тогаш, не го изговарајте неговото име трипати“, изјави продуцентката Елоиз Танел.
Меѓу поранешните добитници на титулата маж на годината се наоѓаат имиња како Клинт Иствуд, Том Хенкс, Роберт де Ниро, Харисон Форд, Семјуел Л. Џексон и Рајан Рејнолдс. Минатата година ова признание му припадна на актерот Џон Хам.


