Украинскиот министер Сибиха за муабетите на Сијарто со Русите: „Ова е гнасно и срамно“
„Ова не се разговори. Ова е понизно поднесување извештај пред руски покровители. Гнасно е, срамно е и навистина треба да биде предмет на истрага“.
Препорачано
Ова го изјави украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, за протечената аудиоснимка на која наводно се слуша како неговиот унгарски колега Петер Сијарто ѝ кажува на Москва дека ќе се обиде да ги прилагоди санкциите на ЕУ според нејзина мерка, објави „Гардијан“.
Во вторникот, само неколку дена пред изборите на кои унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочува со најтешката битка во своите 16 години на власт, медиуми објавија извештај од заедничка истрага која се темели на протечени телефонски разговори меѓу Петер Сијарто и неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Во еден од нив, наводно, Сијарто му рекол на Лавров: „Секогаш сум ви на располагање.“ Во друг, се чини дека нуди помош околу други санкции на ЕУ што ја погодиле Русија.
Сијарто не негираше дека разговорите со Лавров се случиле. Наместо тоа, рече дека неговите разговори биле прислушувани.
— Ова е огромен скандал… тоа што странски тајни служби континуирано ги прислушувале моите телефонски разговори и што сега тие странски тајни служби ги објавиле овие разговори една и пол недела пред парламентарните избори во Унгарија — рече тој во видео објавено на социјалните мрежи.
Извештајот предизвика силни критики од повеќе фигури во ЕУ, вклучително и од премиерите на Полска и на Ирска.
И покрај руската инвазија врз Украина, Виктор Орбан остана еден од ретките европски лидери што и натаму одржува блиски односи со Владимир Путин. Токму поради тоа, Унгарија со години е гледана како фактор што ја кочи заедничката политика на Брисел кон Москва, а критичарите предупредуваат дека Будимпешта сè почесто дејствува спротивно на ставовите на поголемиот дел од Европската Унија.
Во тој контекст, Зеленски ја обвини Унгарија дека фактички ѝ прави услуга на Москва бидејќи го блокира големиот европски пакет помош за Украина. Според него, тоа не е само политичка порака, туку и директен удар врз способноста на земјата да се подготви за следната зимау бидејќи без тие средства веќе доцнат клучни активности за заштита и обнова.


