УЕФА има правило поради кое Челси во осминафиналето можеби нема да може да игра дома
Челси би можел да се најде во необична и незавидна ситуација во Лигата на шампионите, откако ретко споменувано правило на УЕФА се заканува сериозно да му ги наруши плановите во осминфиналето од најелитното европско натпреварување.
Препорачано
Лондонскиот клуб обезбеди место во нокаут-фазата со драматичната победа од 3-2 над Наполи, но само неколку часа по триумфот се појави потенцијален проблем, објавуваат англиските медиуми. Причината лежи во регулатива на УЕФА која забранува одигрување на повеќе натпревари од Лигата на шампионите во ист град во иста вечер, со цел да се олесни организацијата и безбедноста.
Бидејќи Арсенал и Тотенхем завршија повисоко од Челси во лигашката фаза, тие имаат приоритет при изборот на термините за натпреварите закажани за 17 и 18 март. Тоа автоматски го става Челси во подредена позиција и ја отвора можноста „сините“ да не можат да бидат домаќини на својот меч во Лондон.
Во такво сценарио, клубот би бил принуден да побара друг стадион надвор од главниот град, што би било сериозен хендикеп во борбата за пласман понатаму. Според правилата на УЕФА, клубовите и националните федерации однапред мора да пријават резервен стадион кој би се користел доколку дојде до ваква ситуација.
Во регулативата се наведува дека во случај на конфликт со термините, тимот со полош пласман во лигашката фаза е тој што мора да се прилагоди и да го одигра натпреварот на алтернативна локација.
Сепак, постои и друга опција, промена на редоследот на домаќинствата. Тоа би значело Челси да го одигра првиот натпревар како домаќин, а реваншот да се одигра на теренот на противникот, наместо да се сели на друг стадион.
Како ќе се разреши оваа необична ситуација ќе биде појасно во наредните денови, кога УЕФА ќе ги финализира термините и распоредот за осминафиналните дуели.


