Ударни дупки

Господинот сега-засега го викаат „ударна дупка“, зашто пред четири години ја тужеше владата на Велс дека сериозно си го нарушил здравјето возејќи и погодувајќи една од подлабоките дупки на патот, и деновиве го доби процесот и доби компензација од повеќе од еден милион фунти или, ако сакаме да бидеме прецизни – 1.188.565,25 фунти.

На листата милионери во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска од неодамна се приклучи и еден извесен возач од Велс. Со што се занимаваше и како стана милионер, ве слушам прашувате? И зошто не го знаеме, со име и презиме, по можност и со адреса на живеење, плус како му е дома наместено? Си молчи човекот и си ги троши парите и ужива во својата анонимност, зашто ако го дознаат луѓето, претпоставувам нема многу да го сакаат.

Господинот сега-засега го викаат „ударна дупка“, зашто пред четири години ја тужеше владата на Велс дека сериозно си го нарушил здравјето возејќи и погодувајќи една од подлабоките дупки на патот, и деновиве го доби процесот и доби компензација од повеќе од еден милион фунти или, ако сакаме да бидеме прецизни – 1.188.565,25 фунти.

Ја видов фотографијата на дупката и да ви кажам право, дупка како дупка, да, длабокичка е и беше полна со дождовница, ама за возачка која возела низ балканските, а богами и низ некои од европските  ридови, долини, планини и превои, не само тркало да оставиш во дупка, половина автомобил да влезе и ако не внимавате, да не излезе, ништо посебно. Карактеристиките на овој случај на неверојатно висока милионска отштета се тоа што се случува во Велс, каде што ако тужите има шанси да добиете отштета, дека „крпењето“ на патиштата е попусто трошење пари и дека уште не дознавме со какви повреди се здобил несреќникот што ја добил милионската отштета. Претходно, највисоката отштета за слична несреќа била 1.077 фунти. Други карактеристики се тоа што значително се зголеми бројот на возачи во Велс кои, да не грешам душа, ама некако успеваат да ги погодат токму дупките, оние ударните на патиштата. А велат, не се толку бројни дупките, колку што се (не)вешти возачите.

Тужибаба крава

Во расправијата дали да се крпат дупките, да се поправаат патиштата или да се исплаќа помала отштета, се вклучија многумина, но најактивни се Марк Морел, наречен господин „ударна дупка“ водечки активист во ЈуКеј, кој вели дека лошите патишта ја чинат државата 10 милијарди годишно и Хелен Дјудни, со прекарот „Тужибаба крава“  (Комплејнинг кау), која е најуспешната активистка за заштита на потрошувачите која бара секогаш да се пријавува се што не е во ред – вклучително и дупките на патиштата. (Веднаш да појаснам, она „крава“ тука не се смета за нешто навредливо – на пример, кога некому, поточно на некоја ќе ѝ кажете „сили кау“, тоа повеќе е нешто како „блесаво кравче, кравуле“, значи така како малку нагалено…). Е, сега, вол е вол, бик е бик, а теле е теле едно.

Не знам кому треба да му се жали ковид комисијата, која сè уште го истражува однесувањето во времето на пандемијата на поранешниот премиер Борис Џонсон кога тој прекрши многу правила. Ама пак имаме ситуација. Комисијата побара да ја добие конверзацијата што поранешниот премиер ја имаше на својот мобилен на мрежата Вотсап во периодот кога тој носеше судбоносни одлуки за луѓето, за пандемијата, за државата и за парите , по тој редослед. И кога изгледаше дека ќе слушнеме и ќе прочитаме кој кому што му рекол, кога и зошто, зашто Џонсон се согласи и рече дека нема ништо против, владата изјави дека ја нема. Конверзацијата. Како тоа ја нема? Зошто ја нема?  Каде се загубила? Ја затуриле некаде? Во некој џеб? Во некоја дупка?

Црна дупка

Знам од искуство дека секој дом има „црна дупка“ во која исчезнуваат разни предмети. Некогаш потоа волшебно се појавуваат, ама ретко. Таму се поединечни чорапи, распар обетки, клучеви, документи, картички со ретки телефонски броеви и црвен џемпер. Но, каде е конверзацијата на поранешниот премиер? Пропаднала ли во некоја „ударна црна дупка“ во владата, па ѝ се сотрела трагата? Владините служби се должни да ја чуваат целата документација од министрите и од премиерите на сите средства за комуникација. Од хартии преку снимки до дигитални записи. Ама ене ги од таму, креваат раменици и велат – нема. Како нема? Така нема.

Од Даунинг стрит се јавија да ги негираат наводите дека се работи за забошотување на истрагата и изјавија дека не би требало некој да ги тера да обезбедуваат „непотребни“  материјали поврзани со приватниот живот на владиниот персонал. Со кого нели, бил во комуникација и погореспоменатиот поранешен премиер. Но, шефот на истрагата се закани дека ќе има кривични санкции ако владиниот кабинет не ги обелодени пораките на Вотсап на Џонсон и деталите од неговиот дневник. Баронесата Халет, која раководи со истрагата, дури и постави ултиматум – владата треба до четврток до 4 попладне да обезбеди потврда дека ги нема документите потпишана од висок владин претставник дека ја говори вистината.

И така чекаме да дојде четврток, а конспиративните теории, нормално, растат. Што и зошто нема соработка со комисијата? Како тоа во Кабинетот нема или се нема волја да се сподели конверзација, дали за да се заштити некој и, ако е така, кој сè е вмешан и чии се имиња се спомнувале? И како тоа во Кабинетот нема, ама Џонсон наводно на своите адвокати им ја предал целата документација и конверзација од тој период, си чувал човекот сè, за „недајбоже“ и „што е сигурно, сигурно е“. Оние што се занимаваат со сè и сешто јавуваат дека премиерот Риши Сунак и БоЏо веќе некое време, не само што очи не сакале да си видат, туку и по телефон не разговарале.

Сапуница, луѓе, сапуница, и тоа од оние латиноамериканските (не турските, скраја да е, тие се за затупување и за уназадување, овие  развиваат фантазија) каде што очекувам во секој миг да се појави  заборавениот брат на Риши, Раул, посвоен од богат аргентински ранчер, да отиде со подароци од стенограми кај Кери на Борис и да и честита за третото дете, притоа обелоденувајќи ѝ на баронесата Халет, една од гостинките, дека неговата сопруга е сестра на првата невенчана жена на Борис, со која тој имал тајна и интимна конверзација за време на пандемијата за судбоносни одлуки за луѓето, за пандемијата, за државата и за парите, по тој редослед.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот