Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Полиција / Фото: МИА

Некои од снимените лица требало да уплатат криптовалути за да не бидат објавени видеоматеријалите, но дел од компромитирачките снимки сепак биле објавени на лажен интернет-профил под името Арбен Гаши.

Интимни средби на полициски службеници, спортски функционери, вработени во судот и други лица биле нелегално и тајно снимани во хотелска соба, објави емисијата „Код“. Некои од снимените лица потоа биле уценувани да уплатат криптовалути за да не бидат објавени видеоматеријалите. Сепак, дел од компромитирачките снимки биле објавени на лажен интернет-профил под името Арбен Гаши.

Дискретниот угостителски објект „Вила Уно“ божем гарантирал приватност зашто на корисниците на услугите не им се барал документ за идентификација при доаѓањето, а немало физичко присуство ниту на вработени. И додека посетителите мислеле дека средбите ќе останат тајна, всушност биле во кадарот на скриената камера, која најверојатно се наоѓала под телевизорот во собата, поставена со цел да ги снима и лицата и телата на двојките додека биле на креветот.

Дискрецијата „загарантирана“, а камерата си работела

За да се гарантира дискрецијата, со автомобил се влегувало во гаража, од каде што гостите заминувале директно во луксузните соби со џакузи. Наплатата се вршела преку автомат, кој бил поставен пред гаражата на објектот. По уплатата се добивал пристап до собата за неколку часови користење.

Мотелот се наоѓа на Качанички Пат и сè уште се рекламира на Инстаграм, објави „Код“.

Како што објави „Код“, кон крајот на мај била отворена истрага, бидејќи станувало збор за двајца полицајци чии тајни видеа биле објавени на споменатиот фејсбук-профил. Последната објава е од 8 јуни, а по полициската активност што следувала, лажниот профил престанал да објавува нови содржини.

Пред околу три недели, полицијата и Обвинителството испитувале три лица, од кои едното било вработено во мотелот. Со налог за претрес биле пребарани два стана, биле одземени компјутери и телефони на осомничените, но не било откриено ништо. На распитот сите тројца негирале каква било поврзаност со скандалот. Истрагата запрела, бидејќи на компјутерите и на мобилните телефони не биле најдени никакви докази за нивна инволвираност во случајот.

Во Обвинителството нема пријава за незаконско снимање

До овој момент не пристигнала пријава од оштетени во врска со незаконското снимање и нарушување на приватност поврзани со овој случај, одговори Јавното обвинителство на прашањето на „Слободен печат“ во врска со скандалот. За неовластено снимање, предвидена е казна затвор до една година. Што се однесува до неводењето евиденција на посетители, ни рекоа дека тоа е прекршок, а не кривично дело.

Поради тоа што гостите не оставаат никаков документ за идентификација, како што тоа е случај со останатите хотели и мотели во земјава (од кои се бара да водат евиденција на буквално секој гостин и таа евиденција да ја доставуваат до МВР и да плаќаат туристичка такса), овде гостите се надевале на приватност.

– Сите други информации поврзани со настанот се следат и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, Јавното обвинителство ќе постапи во согласност со своите законски надлежности, а јавноста за тоа ќе биде известена – велат од Обвинителство.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска вели дека законска обврска е секој угостителски објект да води книга на гости, независно од тоа дали гостинот останува во собата неколку часови или неколку денови. Таа додаде иснпекторите излегуваат на терен ако добијат претставка за некој објект што не води книга на гости.

„Код“ успеа да стапи во контакт со менаџментот на „Вила Уно“.

– Ние како менаџмент на објектот не знаеме ниту кој ги поставил камерите, ниту каде се снимките, ниту кога биле снимани тие видеоматеријали. Не можеме да ви дадеме повеќе одговори и да ве примиме. Повеќе информации барајте од полицијата, бидејќи таа води истрага, со која ние соработуваме – одговориле од мотелот за „Код“ и додале дека не знаат кој стои зад неовластеното снимање.

ХОТАМ: Сите гости во хотелските објекти мора да бидат пријавени

Претседателот на хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажевски, за „Слободен печат“ објаснува што предвидува законот околу пријавувањето на гостите што престојуваат во хотел или мотел.

– Законски, не треба да не се пријавуваат гостите. Не смееме да им земаме матичен број, но име и презиме мораме, зашто тоа е дел од системот што се доставува во МВР за да се плаќа туристичка такса. Има нови типови хотели во Европа, каде што почнуваат да работат без рецепција. Плаќањето се врши со кредитна картичка, но тој софтвер повторно го пријавува гостинот, само што тоа се прави автоматски, но се знае кога бил присутен во објектот ако евентуално настанат некакви проблеми – вели Блажевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот