Учениците од ООУ „Киро Глигоров” од Скопје на гости кај Пендаровски (ФОТО)

Учениците од ООУ „Киро Глигоров” од Скопје денеска ја посетија вила „Водно” по повод почетокот на активноста „Отворени денови во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија”, како дел од проектот „Лице во лице со претседателот”.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, во иднина се предвидува да се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Пендаровски.

За време на посетата на Кабинетот, учениците имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски, да присуствуваат во просториите во кои се одвиваат официјалните средби, како и во салите во кои се организираат свечености, настани и прес-конференции. Учениците се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа информирани за начинот на функционирање на оваа институција.

Учениците од ООУ „Киро Глигоров” имаа можност да присуствуваат и на церемонијата за промена на државното знаме во Кабинетот на претседателот, извршена од припадниците на Баталјонот за почести и опслужување на Армијата. Целта е подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Северна Македонија, како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.

– Со денешниот настан се најавува редовна практика на поголема отвореност на Кабинетот на претседателот. Сите заинтересирани граѓани и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет страница на претседателот, http://pretsedatel.mk/?page_id=3016 ќе имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи и предлози и да учествуваат во настани од јавен карактер коишто ќе бидат организирани во Кабинетот, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот