Убиецот на новинарката од Сараево бил уапсен додека јадел ќебапи во Башчаршија
Еден ден по убиството што ги шокираше граѓаните на Сараево, се откриваат нови детали за злосторство и за движењата на осомничениот, пишуваат босанските медиуми.
Препорачано
Елма Годињак, новинарка на возраст од 41 година вчера беше убиена, а Тарик Прусац, со кого беше во брак и имаат петгодишна ќерка, е осомничен за нејзиното убиство.
Сараевската полиција доби пријава за употреба на огнено оружје во Добриња на 1 мај, околу 16:15 часот. По пристигнувањето на службите за итни случаи, пронајдено е телото на убиената жена, а следеше интензивна потрага што траеше неколку часа.
Додека полицијата ја блокираше населбата Добриња, каде што се случи убиството, и го пребаруваше подрачјето, според босанските медиуми, осомничениот се движеше слободно низ градот. Во еден момент, тој дури се упатил кон центарот на Сараево. Наводно бил заедно со ќерката, која ја зел со себе во Башчаршија, каде што јадеа ќебапи. Таму беше лоциран, а потоа уапсен во областа Стари Град кратко по 19 часот.
Според медиумите, девојчето е пронајдено неповредено и е под надзор на стручни служби.
Обвинителството на Сараевскиот кантон, објавува „Јутарњи лист“, потврди дека Пруцац е уапсен и ќе биде предаден на нивна надлежност во текот на денот.
Прусац, според медиумите, работел како обезбедувач и наводно ја убил жртвата со истрели од својот службен пиштол, кој не му било дозволено да го носи надвор од работното време. Иако претходно се појавија информации дека и братот на убиената жена е повреден, полицијата ги негираше овие информации.
Адвокатката на убиената жена, Елмедина Бојичиќ, изјави за медиумите дека двајцата се во процес на развод, но и дека Елма се плашела за својот живот. Таа додаде дека Елма неколку пати го пријавила во полиција за следење и демнење, а во моментов на убиствоти, во сила била забрана за приближување.
„Тој не беше насилен. Ја плашеше со своето чудно однесување. Постојано ја следеше во своето возило. Таа се чувствуваше небезбедно“, рече адвокатот, додавајќи дека колегите на Елма ја следеле дома од работа.
Полицијата вели дека истрагата за околностите на овој инцидент е сè уште во тек.
ВИДЕО | Страшно убиство во Мостар: Фудбалски судија ја убил својата жена и се обидел да се самоубие


