Фото: EPA-EFE/Miguel Gutierrez

Уапсен опозиционер од Венецуела осомничен за тероризам

Познатиот венецуелски опозиционер Хуан Пабло Гуанипа, близок сојузник на лидерот на опозициската партија, Марија Корина Мачадо, е уапсен поради наводно водење терористички заговор, изјави денеска министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело, пренесува Ројтерс.

Функционерите редовно ја обвинуваат опозицијата за заговор со земји како што се САД за извршување тероризам, соборување на претседателот Николас Мадуро и напад врз електричната мрежа на Венецуела. Опозицијата отсекогаш ги негираше обвинувањата.

Гуанипа, адвокат и долгогодишен политичар, е недостапен за јавноста и тотално изолиран уште од претседателските избори минатата година. Мачадо, на која и беше забрането да се кандидира за претседател, но останува популарна меѓу многу Венецуелци, исто така е во криење, вели Ројтерс.

Изборните власти и највисокиот суд во земјата го поддржаа Мадуро како победник, но не понудија пребројување на гласовите на ниво на гласачки кутии. Опозицијата, која објави детални пребројувања, вели дека нејзиниот кандидат победил убедливо.

Опозицијата и групите за човекови права го осудија бруталното задушување, вклучително и апсењата, по гласањето.

-Мислеше дека е недопирлив, невидлив- рече Кабело во изјава емитувана на државната телевизија, прикажувајќи видео од Гуанипа, облечен во панцир, како го апсат маскирани агенти.

Седумдесет лица, вклучувајќи странци, досега се приведени во врска со наводниот заговор за извршување напади за време на регионалните и законодавните избори во недела, додаде Кабело.

Неговото апсење беше мотивирано од стравот на владата од венецуелскиот народ и нивните гласови минатата година, рече Гуанипа во соопштение објавено на неговиот профил на „Икс“.

-Браќа, ако го читате ова, тоа е затоа што сум киднапиран од силите на режимот на Николас Мадуро. Не знам што ќе ми се случи во наредните часови, денови и недели. Но, сигурен сум дека ќе ја добиеме оваа долга борба против диктатурата-се вели во соопштението.

Братот на Гуанипа, Педро, беше уапсен во септември поради наводна корупција во канцеларијата на градоначалникот во Маракаибо, каде што беше функционер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот