„У Пауер“ има милионски договори со државни фирми, МЕПСО не открива колку должи фирмата на Аријанит Џафери

Далновод / Фото: EPA

Државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО не открива колку пари ѝ должи фирмата на Аријанит Џафери „У Пауер“ за ангажирана балансна енергија и колкав период се чекало за наплата на овие средства, пишува Телма.

Клиенти на „У Пауер“, која е основана во 2016 година, се голем број на општини и државни институции, кои преку неа се снабдуваат со струја: Град Скопје, Бутел, Аеродром, Гевгелија, Свети Николе, Битола, Царината, УЈП, Царина, ТИРЗ и МЕПСО.

Според јавно достапните податоци, договорите за набавка на електрична енергија кои се склучени со „У Пауер“ се во износ од неколку илјади, до неколку стотици илјади евра, а најголемиот е со Град Скопје, склучен во мај годинава и е во вредност од околу 1,1 милион евра. Договорот со МЕПСО склучен во јануари оваа година е во износ од речиси половина милион евра, а двата со ТЕЦ Неготино сѐ со слична вкупна вредност од 450.000 евра.

Алатката Отворени финансии покажува дека голем дел од државните институции и општините редовно си ги плаќаат фактурите за потрошена енергија кон оваа фирма.

Фирмата на Аријанит Џафери, кој е син на фукционерот на ДУИ Муса Џафери, не ги обезбедила навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите. Затоа тие набавувале струја од резервите на МЕПСО, наменети за балансирање на електроенергетскиот систем, по цена далеку поеvтина од онаа на светските берзи, пишува Телма.

МВР вчера поднесе кривична пријава за насилство против Аријанит Џафери за нападот врз претседателот на Регулаторната Комисја Марко Бислимовски, во ресторан во Дебар Маало. Причина за нападот е постапката за одземање на лиценцата на „У пауер“ која во моментов се води во Регулаторна, а е покрената откако МЕПСО алармирал за зголеменото ангажирање на електрична енергија која се користи за исклучителни ситуации.

Денеска, министрите од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши и Бујар Османи, во одговори на новинарски прашања, соопштија дека го осудуваат инцидентот и дека институциите треба да постапат како и за секој граѓанин. Бектеши рече дека Џафери се извинил за нападот, што веднаш беше демантирано од Регулаторната комисија. Нападот го осуди и премиерот Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот