Тврдокорните ќе протестираат во сабота: Не веруваат во корона и вакцини, а веруваат во 5Г антени

Протести во Австралија против корона мерките Фото: Profimedia

Драган Угриновски, претседател на движењето МПЗ „Тврдокорни“ е организатор на протестот против полицискиот час, 5 Г антените и задолжителното вакцинирање кој е закажан за в сабота, а за кој полицијата му дала и дозвола, но и писмено предупредување дека доколку нема физичка дистанца од два метри меѓу протестирачите и ако не носат маски, ќе следува кривична одговорност.

Угриновски во изјава за Слободен печат тврди дека коронавирусот е обичен грип, полицискиот час е непотребен и дека е воведен за да се монтираат 5 Г антени и за да се пренесуваат мигранти низ државата, а заговара и против вакцинација за Ковид 19, иако вакцина не е ниту на повидок, а земјите во светот се борат да ги спасат критичните случаи со лекови против ебола, ХИВ, маларија, Сумамед, крвна плазма, озонска терапија и респиратори. Досега во земјава починаа 92 лица од коронавирус, а уште има активни околу 380 случаи. Според статистиката на Светската здравствена организација во светот од Ковид 19 починале околу 300.000 луѓе.

Запрашан, дали му е страв дека со протестот може да го загрози здравјето на граѓаните, тој одговара дека не стравува од тоа, зашто негови редари ќе бидат меѓу присутните да им делат маски.

-Очекувам да има 150 возила и околу 500 до 1.000 луѓе кои ќе бидат на прописно растојание. Се тргнува во 12 часот и 30 минути од Сајмиште со возила, ќе одиме до Мавровка, на раскрсницата ќе свртиме кон ГТЦ, потоа Собрание, Рекорд, десно кон кинеска амбасада и ќе пристигнеме пред влада. Таму очекуваме луѓе без возила да ни се приклучат, на прописно растојание, а наши редари ќе им делат маски. Протестот го пријавив во полиција и ми дадоа писмена изјава дека сум предупреден околу последиците и сите работи кои треба да се преземат – вели Угриновски за Слободен печат.

Вчера министерот за здравство Венко Филипче изрази надеж дека протестот ќе се откаже и дека организаторите ќе поразговараат со него на средба зошто сметаат дека полицискиот час треба да се укине за да им биде презентирана медицинска аргументација зошто полицискиот час е потребна мерка, но и мерка што доведе до тоа бројот на заразени да опадне. Но, Угриновски нема да го откаже протестот, зашто за него коронавирусот е измислен, а на средба со министерот би му кажал дека ,,коронавирусот е лага”. Бидејќи во вонредна состојба се забранува да се организираат јавни собири за остварување политички интереси, Угриновски чекал да помине вонредната состојба.

– Тоа е обичен грип и само името му е сменето. Можеме да му документираме на министерот Филипче дека вирусот е лага. Јас уште пред две недели сакав да организирам протест но ми рекоа во полиција дека во вонредна состојба не смеам, па почекав да заврши вонредната состојба која истекува на 15 мај, во 23 часот и 59 минути – ни изјави Угриновски.

Министерот Венко Филипче во врска со протестот рече дека искрено се надева дека граѓаните се свесни дека овие рестриктивни мерки и целосно затворениот викенд за Велигден, долгиот полициски час неколку недели и полицискиот час за викенд не донесоа до тука да имаме малку пациенти.

– Знам дека е тешко и им благодарам и им честитам на граѓаните што издржаа. Тоа е вистинска инвестиција и во сопственото и во здравјето на колективот. Засега нема да го скратиме полицискиот час зашто уште таква мерка ни треба. Сега кога спласнува се, треба да се издржи уште малку. Искрено верувам дека организаторите ќе го откажат протестот, зашто сакам да се свесни и да поразговарам со нив и да видам зошто сметаат дека треба да се укине полицискиот час. Да им ги презентирам научните аргументи зошто тоа го правиме. Ако дојде до протест,  верувам дека соодветните институции барем ќе интервенираат да биде на дистанца со носење на маски – изјави Филипче.

Протести против корона мерките, против вакцини за ковид-19 и 5Г мрежата последните недели се одржуваат ширум светот, а ваков протест неодамна имаше и во Хрватска.

Во продолжение во видеото погледнете ги сите теории на заговор поврзани со коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот