Турканици за визи пред германската амбасада во Скопје: Не се живее повеќе со 200 евра
Пред германската амбасада во Скопје го сретнавме Ицко од Прилеп кој по речиси една година, откога добил термин за поднесување документи, беше пристигнат да си ја подигне работната виза.
Се повеќе Македонци се одлучуваат да заминат во некоја од западно-европските земји поради подобри услови за живот и работа. Една од најпосакуваните дестинации е Германија, земја која од први март ќе донесе нов закон со кој значително ќе се олеснат условите за добивање на виза за жителите од Западен Балкан.
Препорачано
Пред германската амбасада во Скопје речиси секој ден има редици луѓе кои или поднесуваат документи или си ги подигнуваат работните визи.
Екипата на „Слободен печат“ денеска отиде во скопската населба Козле, каде што се наоѓа амбасадата на Германија во нашата земја. Таму затекнавме околу 40 лица кои беа пристигнати во терминот за подигнување на визите.
Пред германската амбасада во Скопје го сретнавме Ицко од Прилеп кој по речиси една година, откога добил термин за поднесување документи, беше пристигнат да си ја подигне работната виза.
– Еднаш бев одбиен, но сега треба да ја подигнам. Имам договорено работа во „Мекдоналдс“ во околината на Келн, преку агенција која посредува за работа во Германија и наскоро треба да заминам. Можеби платата не е премногу голема, но и тука со 200 евра веќе не се живее. Затоа одлучив да заминам заедно со мојот другар и се надевам дека ќе биде добро – ни изјави младиот прилепчанец.
Во редицата од луѓе кои чекаа за подигнување на виза беше и Христијан од Велес кој ќе замине на работа на брод.
– Околу еден месец чекав за термин, а неколку дена потоа ми одговорија да дојдам да го подигнам пасошот. Мене ми побараа работен договор, затоа што ќе работам на брод, каде ќе се движи тој. Не ми се потребни потврди за јазик, поради тоа што нема да работам на копно, а за на брод може и со англиски – ни рече Христијан.

Според информациите кои ги добивме, речиси секој ден има околу 50-тина лица кои пристигнуваат во амбасадата за да поднесуваат документи, а истата бројка на лица може да се забележи и во деновите кога се подигнуваат визитe.
Како што е познато од први март треба да стапи во сила новиот закон кoј ги проширува можностите за квалификувани професионалци надвор од Европската Унија да влезат во првата економија во Европа поради вработување.
Новина е и тоа што апликантите со квалификувано стручно образование (стручни квалификации вклучуваат стручно образование за кое е утврден минимум период од две години во Германија), и не само високообразовани, како и досега, доколку имаат соодветно познавање на германски јазик и осигурено одржување, тие можат да дојдат во Германија шест месеци со цел да најдат работа.


