Трст и новите рути на глобалната трговија
Агресијата на Русија врз Украина наметна брза диверзификација на изворите за снабдување со енергија. За неколку месеци ги преосмисливме инфраструктурите, снабдувањето и партнерствата за да обезбедиме сигурност и континуитет на нашите економски системи. Денес кризата на Блискиот Исток ни наметнува слична рефлексија во однос на трговските рути.
Конфликтот на Блискиот Исток отвори фаза на силна меѓународна нестабилност. Приоритет на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка најнапред беше да им помогне на италијанските државјани што беа засегнати од кризата, обезбедувајќи им да можат безбедно да се вратат во Италија. Секоја меѓународна криза, сепак, бара и поширок поглед кон нејзините последици. Покрај трагедијата на војната, се појавуваат и длабоки ефекти врз глобалните економски рамнотежи.
Препорачано
Тензиите што го зафаќаат Персискиот Залив и Ормускиот теснец јасно покажуваат колку се ранливи некои од главните артерии на меѓународната трговија. Тековната криза веќе врши силен инфлаторен притисок врз цените на гасот, нафтата и други стратешки добра, како ѓубривата, со последици и врз глобалните цени на храната. Кога овие клучни точки стануваат поизложени на геополитички тензии, станува очигледна итноста од зајакнување на безбедноста и диверзификацијата на трговските рути.
Во последните години Европа веќе мораше да се соочи со сличен предизвик. Агресијата на Русија врз Украина наметна брза диверзификација на изворите за снабдување со енергија. За неколку месеци ги преосмисливме инфраструктурите, снабдувањето и партнерствата за да обезбедиме сигурност и континуитет на нашите економски системи. Денес кризата на Блискиот Исток ни наметнува слична рефлексија во однос на трговските рути. Во таа перспектива треба да се чита значењето на проектот за економскиот коридор Индија – Блиски Исток – Европа (IMEC). Не станува збор едноставно за линија нацртана на мапа, туку за потенцијално преструктурирање на логистичките и индустриските синџири меѓу Индија, Персискиот Залив и Европа, кое ќе биде во можност да ги редефинира трговските текови и да ја зајакне улогата на Медитеранот како стратегиски простор на поврзување меѓу Азија и Европа, со потенцијални придобивки за Италија проценети до 26 милијарди евра.
Кога се менуваат рутите на глобалната трговија, се менуваат и економските географии. Новите трговски коридори создаваат нови логистички и производствени заднини: територии што привлекуваат инвестиции, домаќини се на дистрибутивни центри и развиваат индустриски активности поврзани со меѓународните синџири на вредности. Ако една од главните европски точки на пристап до овие рути биде Медитеранот, а особено северниот Јадран, неговиот природен простор на проекција нема да може да се ограничи само на пазарите на Западна Европа. Тој неизбежно ќе гледа и кон Централна Европа и кон Западен Балкан, кои претставуваат географски и инфраструктурен мост меѓу Медитеранот и срцето на континентот.
Поради географската положба, близината до европскиот пазар и постепената интеграција со стандардите на Унијата, Западниот Балкан може да стане составен дел од оваа нова логистичка архитектура: не само транзитна зона, туку вистинска економска заднина на рутите помеѓу Азија и Европа, способна да привлече инвестиции и да ги зајакне регионалните производствени синџири. И инфраструктурите на Балканскиот Регион ќе можат да имаат корист од оваа еволуција, придонесувајќи во управувањето и распределбата на дел од трговските текови што ќе пристигнуваат во Европа преку коридорот.
Во ова сценарио Медитеранот повторно добива стратегиска централна улога. Италија, поради својата географска положба, природно претставува логистичка платформа помеѓу Европа, Азија и Африка. Нашиот пристаништен систем претставува една од големите стратешки инфраструктури на европскиот континент: разгранета мрежа на пристаништа што го поврзува Медитеранот со главните економски и производствени коридори на Европа.
Во рамките на овој систем, северниот Јадран зазема привилегирана позиција во поврзувањето на Медитеранот со Централна Европа. Трст, поради својата историја, географска положба и инфраструктурни врски, претставува едно од најприродните јазли на оваа мрежа. Затоа не е случајно што токму Трст на 17 март е домаќин на два важни настани посветени на регионалната соработка и на новите економски рути: одбележувањето на триесетгодишнината од Централноевропската иницијатива (CEI) и форум за коридорот IMEC.
Тоа ќе биде можност да се разговара за иднината на поврзаноста меѓу Медитеранот, Балканот и Централна Европа, со учество на многубројни министри од земјите на балканскиот регион, високи претставници од земјите заинтересирани за коридорот IMEC и претставници од деловниот сектор, како доказ за стратешката улога на овој регион во развојот на новите логистички синџири меѓу Азија и Европа.
Зајакнувањето на врските меѓу Медитеранот, Европа и Индо-пацификот значи зајакнување на економската безбедност на нашиот континент. Во оваа нова географија на глобалните рути, Италија може и мора да игра водечка улога.
(Авторот е италијански министер за надворешни работи)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


