Тројца уметници ќе ја добијат наградата „Денес“ на јубилејното издание

Организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ од Скопје, во соработка со Центарот за современи уметности – Скопје, мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU), Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк, по седумнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

Наградата „Денес“ во 2023 година го одбележува своето 20-годишно постоење и од оваа година ќе се доделува на годишно ниво на три исклучителни и истакнати тековни уметнички практики кои подразбираат критичко и естетско размислување и дејствување. Ова е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.

Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во „Residency Unlimited“, од оваа година за добитниците вклучува и други новини и резиденции. „Денес“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложбата како добитници на наградата.

Отворениот повик траеше од 20 април до 31 мај 2023 година, а во разгледувањето беа вклучени дела од уметници кои во моментот на аплицирање имаат до 35 години.

Комисијата во состав: Мариа Василева, кураторка и директорка на галеријата „Структура“, Софија; Инга Лејс, кураторка и моментално дел од програмата „C-MAP Central and Eastern Europe“ на МОМА, Њујорк; Ивана Мирчевска, уметничка и добитничка на наградата „Денес“ во 2022 година; Дита Старова Ќерими, уметница, професорка на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје и директорка на Националната галерија на РСМ; и Грегори Шолет, уметник, писател, предавач и активист, професор на „Квинс колеџ“, Градски универзитет Њујорк (CUNY), одбра три добитници на наградата „Денес“ и тоа: Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли.

Комисијата даде образложение за селекцијата на сите тројца добитници на наградата.

Клелија Живковиќ – Уметницата е необична и неочекувана раскажувачка која користи различни изразни средства за да постигне поетски предлози. Преку различни инсталациски и перформативни практики, таа влегува во сетилата на гледачот/чката на суптилен и провокативен начин, терајќи го/ја да ги прифати нејзините пораки речиси на физичко ниво.

Таа користи фотографски поставки, но акцентот во нејзината работа е повеќе сценски и театрален отколку нарушувачки, и се чини дека произлегува од поетската рефлексија за времето и просторот, меморијата и емоциите, но конкретно, тагата. Јасно е дека нејзината посветеност на производството на уметност ги ублажува овие непосредни чувства на мрак и пропаст со кои уметноста на Живковиќ не поздравува на нашата прва средба.

Ѓорѓи Десподов – Во својата уметност тој комбинира различни средства за изразување – особено графички дизајн и изведба, и ги користи за подиректно преведување на пораки до јавноста. Визуелните кодови на рекламирањето се паметно истражени за да се произведе силен ефект. Тој на разигран и ексцентричен начин му пристапува на дизајнот, и графичкиот и индустрискиот дизајн, во врска со прашања како што се климатските промени и консумеризмот, и секогаш во рамка на научна фантастика. Извршувањето на проектите е со исклучително висок професионален стандард.

Бурџу Мусли – Уметницата има енергија и страст и ги следи речиси интуитивно во нејзината желба да ги разбере сложените околности на светот околу себе. Таа е возбудена од нијанса и она што често го претпоставуваме дека е нетипично, чудно и квир. Таа се потпира на повеќе класични форми на изразување, кои сепак ги надополнува со провокативно значење и емоции. Таа турка нешта, притиска копчиња, турка повеќе сопрузи и дечковци во нејзините слики.

Таа ги облекува (изгледа) во бурки и ги принудува да седат во синџири зад неа, јасно превртувајќи го сексистичкиот наратив што вообичаено го среќаваме во родовите односи од овој тип. Тоа е чувство за содржината на делото на Мукли. Официјалната презентација е подеднакво вознемирувачка, со спротивставени графики инспирирани и од дада и од надреалистички колаж, а исто така вклучува и студиски фото-сет-ап, кои очигледно го прикажуваат нејзиното тело сместено во замислени вештачки простори затемнети во многу заситени бои.

Добитниците на наградата ќе ја отворат изложбата на 14 септември 2023 година во Националната галерија на РСМ, објект Чифте амам, кога ќе бидат соопштени нивните индивидуални награди и кога со посебна програма ќе се прослави и 20-годишнината од постоењето на наградата „Денес“.

Досегашни добитници на наградата „Денес“ се: Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна-посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот