Трипуновски: Министерството ќе ја соопшти производната цена на двете најзастапени вински сорти, а не винариите

Фото: Фејсбук на министерот Цветан Трипуновски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски  денеска во општина Кавадарци оствари средба со двете земјоделски здруженија кои што се од регионот Федерацијата на фармери и Здружението на мали семејни винарии поради претстојниот откуп на грозје. Притоа, тој порача дека Министерството е тоа кое што ќе ја соопшти цената, а не некоја од винарските визби.

Трипуновски додаде дека Министерството согласно Законот пропиша методологија за пресметка на производна цена на двете најзастапени вински сорти, тоа е смедеревката и вранецот. Согласно таа методологија и согласно Законот Министерството објави Повик којшто траеше 15-тина дена, заврши минатата недела, и како што соопти министерот,  склучен е договор со Земјоделскиот институт – Скопје, кој во наредниот период треба да излезе со производна цена за двете најзастапени сорти, и таа производна цена треба да биде зголемена за 25% како добивка према лозарите.

Точно е дека имаме мало задоцнување, но тоа е поради тоа што претходната Влада предводена од СДСМ ако навремено ја донесеше методологијата и ја усогласеше со законодавство, ако ја усогласеше со сите процедури, ние денеска ќе имавме ситуација каде што само ќе објавивме Повик. Меѓутоа ние даваме се од себе за да го фатиме рокот“, заклучи Трипуновски.

Трипуновски посочи дека денеска ги информирал сите присутни дека во претстојниот откуп кој што ќе следи, секое откупно место ќе биде покриено со претставник од Земјоделскиот инспекторат. Секој инспектор ќе биде задолжен со широмер. Секој инспектор кој што ќе има широмер ќе има и одредена обука за правилно користење. Инспекторатот во наредните денови ќе направи дополнителна проверка на сите ваги кои што постојат на откупните места, затоа што во минатото се случувало да има манипулации во мерењето, и во мерењето на шеќерните единици и во количината.

Присутните ги информирав дека ланскиот денар кој што го вети минатата Влада уште не е исплатен, но ние со пренамената на Програмата обезбедуваме средства и во наредниве недела дена и тој денар ќе биде пуштен до лозарите. Во висина од околу 76 милиони денари ќе биде исплатена сумата за ланскиот денар, вети Трипуновски.

Тој укажа дека Министерството постојано ја следи ситуацијата и нема да дозволи некој да си игра со трудот на лозарите. Министерството ќе биде вистински коректив.

Министерот информира дека годинава според проценките  од терен говорат дека ќе има намалена количина на произведено винско грозје.

Временските прилики си го прават своето, и ситуацијата на нефункционално Водостопанство во изминативе години резултираше и е еден од виновниците за намалена количина. Меѓутоа ценам и информациите од терен говорат дека квалитетот е одличен. А, моја обврска е да тој квалитет биде соодветно платен, посочи министерот.

Тој додаде дека целта во наредните години е да се зголеми производството на вино, да се зголеми извоз и тоа ќе значи сериозен девизен прилив на државата по основ на извоз на вино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот