Трифонов добива поддршка, од кај нас молк

Слави Трифонов / Фото: Profimedia

Да имаше од оваа страна навредлива изјава кон Бугарија и бугарскиот народ, бидете убедени дека досега ќе ни беше испратена протесна нота од бугарското МНР – изјави Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата Има таков народ има ист став како лидерот Слави Трифонов во врска со деблокадата на преговорите за членство на Македонија со ЕУ, рече Станислав Балабанов од ИТН пред бугарските медиуми, односно основата на која ќе ги градат односите е Договорот за добрососедство.

– Ќе видиме како ќе почнат преговорите, но нема шанси тоа да се случи пред РСМ да ги исполни најважните услови, да го испочитува Dоговорот со Бугарија, бидејќи досега не гледаме дека го прават тоа. Ставот на нашата партија е како оној на господинот Трифонов и се темели на коалицискиот договор за почитување на Договорот, а идејата за укинување на визите за влез на бугарските државјани во САД е надградба – објасни Балабанов.

Тој нагласи и дека РС Македонија мора да ги внесе Бугарите како народ во својот Устав и да го елиминира говорот на омраза, а додаде и дека во својата објава на Фејсбук, Трифонов искажал личен, граѓански став.

Бугарскиот државен врв се подготвува за седница на Советот за безбедност што ja свика претседателот Румен Радев на тема Македонија, а подоцна во месецот, се очекува и посетата на премиерот Кирил Петков во Скопје, каде што со идниот премиер Димитар Ковачевски треба да ги постават основите за идната соработка.

Кај нас, Владата и МНР сè уште не реагираат на навредливиот говор на Трифонов, кој нѐ нарекува „Северномакедонци“ и им нуди пазар на ЕУ и на САД „деблокада за визи“. Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше со оцена дека е непримерно и недозволиво што МНР молчи на ставовите на Трифонов.

– Да имаше изјава обратно од оваа страна, да речеме претседателот на СДСМ или на ДУИ да имаа ваква навредлива изјава кон Бугарија и бугарскиот народ, бидете убедени дека амбасадорот, кој што за жал го немаме во Софија, ќе беше повикан и ќе му беше испратена протесна нота од бугарското МНР – изјави Николоски.

За членот на Националниот совет за евроинтеграции Зекир Рамчиловиќ, изјавите на Трифонов се негов личен став, желби и видувања, од кои не зависат преговорите на земјава со Унијата.

– Верувам, од она што го најавува новиот бугарски премиер, дека работите ќе одат во друга насока – изјави Рамчиловиќ.

Во пресрет на бугарскиот Совет за безбедност, пак, неколку организации на македонските Бугари со писмо до бугарскиот државен врв побараа итно впишување на Бугарите во македонскиот Устав и еднаквост со другите заедници во Македонија и ги повикаа бугарските власти да не прават никакви отстапки кон Скопје, ниту да тргуваат со ветото во замена за укинувањето на американските визи и прием во Шенген зоната.

„Клучот за идното проширување на ЕУ мора да биде еднаквоста и благосостојбата на сите народи во регионот и на оние делови од нив кои, по основа на сложената балканска историја, сега живеат во соседните земји, меѓу други нации“, се наведува во писмото испратено до Радев, Петков, претседателот на Народното собрание Никола Минчев и до политичките партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот