„Трауматично искуство на предавство“: Сопругата на Хју Џекман за првпат проговори за разводот
Две години по нивната разделба, сопругата на познатиот холивудски актер Хју Џекман, Дебора-Ли Фурнес, официјално поднела барање за развод и за првпат се огласила јавно за крајот на нивниот брак.
Препорачано
Во своето соопштение до медиумите, австралиската актерка изјави дека минала низ „трауматично искуство на предавство“, додавајќи дека таквата болка остава длабоки траги, но и дека вербата во повисока сила ѝ помогнала да го надмине тешкиот период.
„Верувам дека ништо не се случува случајно. Дури и најтешките моменти во животот нè водат кон повисока цел и ни откриваат важни животни лекции. Иако распадот на бракот боли, враќањето кон себе и живеењето во согласност со сопствените вредности носи слобода и мир“, напиша Фурнес.
Таа додаде дека најголемата лекција што ја научила е дека „ништо од ова не треба да се сфаќа лично“, нагласувајќи дека секој човек има свое животно патување и дека луѓето не се појавуваат во нашиот живот без причина.
„Преку одредени односи учиме, се менуваме и ги откриваме деловите од себе што треба да ги излекуваме. И покрај сè, останувам благодарна“, рече таа.
Да потсетиме, Хју Џекман и Дебора-Ли Фурнес ја објавија својата разделба во септември 2023 година, по 27 години брак. Тогаш во заедничко соопштение истакнаа дека со љубов и почит влегуваат во ново животно поглавје, со приоритет на семејството и зачувување на приватноста.
Во меѓувреме, Џекман започна романтична врска со актерката Сатон Фостер, со која веќе неколку години соработува на театарската сцена. Тие заедно настапуваат во мјузиклот „Мјузик мен“ на њујоршкиот Бродвеј.


