Фото: Асосиејтед прес / Принтскрин

Трамп се закани по убиството американските војници во Сирија: „ИСИС ја нападна Америка, ќе се одмаздиме“

Претседателот Доналд Трамп во саботата изјави дека „ќе има многу сериозна одмазда“ откако двајца припадници на американската војска и еден американски цивил беа убиени во напад во Сирија, за кој САД ја обвинуваат терористичката група Исламска држава (ИСИС), објави „Асосиејтед прес“.

„Ова беше напад на ИСИС врз САД, и тоа во многу опасен дел од Сирија, кој не е целосно под нивна контрола,“ напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.

Американскиот претседател изјави за новинарите во Белата куќа дека сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа бил „скршен од тоа што се случи“ и нагласи дека Сирија се бори заедно со американските трупи. Во својата објава, Трамп наведе дека Ал Шараа бил „исклучително лут и вознемирен поради овој напад“.

Американската Централна команда соопшти дека уште тројца припадници на американските сили биле ранети во заседа во саботата, изведена од еден припадник на ИСИС во централна Сирија. Трамп рече дека тројцата „изгледа дека се во добра состојба“. Американската војска информираше дека напаѓачот бил убиен.

Овој напад врз американските трупи во Сирија е прв со смртни последици по падот на претседателот Башар Асад пред една година.

„Ќе има многу сериозна одмазда“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека убиениот цивил бил американски преведувач. Тој додаде дека нападот бил насочен кон војници вклучени во тековните контратерористички операции во регионот и дека случајот е под активна истрага.

Пукањето се случило во близина на историската Палмира, објави државната новинска агенција САНА, која претходно соопшти дека биле ранети двајца припадници на сириските безбедносни сили и неколку американски војници. Повредените биле пренесени со хеликоптер во воената база Ал Танф, во близина на границата со Ирак и Јордан.

Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, соопшти дека напаѓачот бил припадник на сириските безбедносни сили.

Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нур ал-Дин ал-Баба, изјави дека вооружен напаѓач поврзан со ИСИС отворил оган на портата на воен пункт. Тој додаде дека сириските власти истражуваат дали напаѓачот навистина бил член на ИСИС или само ја следел неговата екстремистичка идеологија и ги негираше тврдењата дека станувало збор за припадник на безбедносните сили.

„Нека биде јасно: ако напаѓате Американци, каде било во светот, ќе го поминете остатокот од вашиот краток и вознемирен живот знаејќи дека САД ќе ве ловат, ќе ве најдат и безмилосно ќе ве убијат,“ напиша на „Икс“ американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет.

САД имаат распоредено стотици војници во источна Сирија како дел од коалицијата што се бори против ИСИС.

Соединетите Држави немаа дипломатски врски со Сирија за време на владеењето на Башар Асад, но по падот на повеќедецениската власт на семејството Асад односите постепено се подобруваат. Новиот сириски лидер Ахмед ал-Шараа, кој ги предводеше бунтовничките сили што го соборија Асад во декември 2024 година и во јануари беше именуван за привремен претседател, минатиот месец оствари историска посета на Вашингтон и се сретна со Доналд Трамп – прва посета на сириски шеф на држава на Белата куќа од независноста на Сирија во 1946 година, по укинувањето на американските санкции.

Иако во минатото имал врски со Ал Каеда и за него постоела американска парична награда, Сирија во меѓувреме се приклучи на меѓународната коалиција против ИСИС, кој и покрај поразот во 2019 година и натаму дејствува од места во Сирија и во Ирак, додека американските сили, присутни во бази како Ал-Танф, остануваат цел на повремени напади.

Терорист уби двајца американски војници во Сирија – Хегсет се закани дека САД немилосрдно ќе ги ловат оние што таргетираат Американци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот