Терорист уби двајца американски војници во Сирија – Хегсет се закани дека САД немилосрдно ќе ги ловат оние што таргетираат Американци
Откако напаѓачот уби двајца американски војници и рани уште неколкумина во Сирија, секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, се закани: „Нека биде јасно, ако ги таргетирате Американците, каде било во светот, ќе го поминете остатокот од вашиот краток и исполнет со страв живот знаејќи дека САД ќе ве ловат, ќе ве пронајдат и немилосрдно ќе ве убијат“.
Двајца американски војници и еден цивилен преведувач кој работел за САД загинаа во Сирија, откако биле нападнати во заседа од поединечен вооружен напаѓач на Исламската држава, соопшти американската војска, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Според официјални извори, уште тројца припадници на американските сили биле повредени во нападот, при што напаѓачот бил „ангажиран и ликвидиран“.
Идентитетот на загинатите засега не се објавува и ќе биде задржан во следните 24 часа, сè додека не бидат известени нивните најблиски, соопшти Американската централна команда (СЕНТКОМ).
– Нека биде јасно, ако ги таргетирате Американците, каде било во светот, ќе го поминете остатокот од вашиот краток и исполнет со страв живот знаејќи дека САД ќе ве ловат, ќе ве пронајдат и немилосрдно ќе ве убијат – се закани американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет.
Заседата се случила во Палмира, град кој се наоѓа во централниот дел на Сирија, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
Еден претставник на Пентагон посочи дека нападот се случил во област која не е под контрола на сирискиот претседател.
Тој додаде дека првичните проценки укажуваат дека нападот најверојатно го извршила терористичката група Исламска држава.
Сирија неодамна се приклучи на меѓународната коалиција за борба против Исламската држава и вети соработка со САД.
Минатиот месец сирискиот претседател Ахмед ал-Шара се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, при посета која сирискиот лидер ја опиша како почеток на „нова ера“ во односите меѓу двете земји.
Глобалната коалиција има за цел да ги елиминира преостанатите елементи на таканаречената Исламска држава и да го спречи приливот на странски борци на Блискиот Исток.


