Трајчулески за ситуацијата со Груби: Или државата затаила или имаме договорено бегство
„Ние како политичари не смееме да си дозволиме во било која форма да искажуваме ставови по однос на постапки кои ги води третата власт. Но, на овој начин ние нема да помогнеме за враќање на довербата во правосудството“, рече Митко Трајчулески, пратеник на СДСДМ, во вечерашното гостување во „Топ тема“ на „Телма“.
Препорачано
Тој за бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби рече дека „или затаиле институциите, односно државата, или имаме договорено бегство“.
Околу случајот со поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, кој исто така е надвор од државата и недостапен за полицијата и обвинителството, пак, Трајчулески рече дека „тоа е индивидуална одговорност и не може да зборува за колективна одговорност“.
„И тука, во однос на Васко Ковачевски, она што е јавно достапно од министерот за внатрешни работи, од претставниците на власта е дека бил отсутен од државата многу поодамна. Во однос на Артан Груби, тука имаме друга ситуација која упатува на два можни заклучоци, односно на две можни претпоставки. Првата е дека државата, односно институциите на системот целосно затаиле, бидејќи од она што го дознавме директно од министерот за внатрешни работи, имало пункт поставен кај кружниот тек пред Блаце, имало стоп листа на самиот граничен премин „Блаце“, меѓутоа човекот избега. Тоа е една претпоставка. Втората претпоставка е дека имаме договорено бегство, односно врз основа на некаков си договор Артан Груби е пуштен да ја напушти државата. Трето не може да биде. Или е едното или е друго. И во двата случаја, тоа е страшно за самата држава, за функционирањето на државата“, речеТрајчулески.


