Трајчевски: ГТЦ расте во СВЕТСКИ трговски центар

Градскиот трговски центар, изминатиот период, претрпе бројни измени и новини кои граѓаните ги приметуваат и ги поздравуваат. За таа цел, „Слободен печат“ разговараше со директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, кој ни посочи неколку клучни работи на кои тој, како директор е посветен.

Во последните две години, откако тој е именуван на оваа функција, модернизирана е старата куглана, подобрена е безбедноста на трговскиот центар, се осветлува гаражата, а на просторот на ГТЦ се организираат и многу настани.

– Кугланата која ја затекнавме во катастрофална состојба, беше модернизирана и постои лига која функционира беспрекорно. Исто така формиравме и женска екипа и во фаза сме да формираме и женска лига – изјави Трајчевски.

Тој исто така ја пофали безбедноста која е подигната на највисоко ниво во однос на мониторинг, како и осветлувањето со лед сијалици кое засега ги опфаќа гаражата, автобуската постојка и една третина од фасадата, со цел ГТЦ да парира на светските трговски центри. Хигиената е многу подобрена и за неа се набавени две машини за возење, четири рачни машини, четири диска и четири усисивачи со цел да се задржат минувачите кои се околу 50.000 дневно.

За месец дена, нагласува Трајчевски, се очекува да биде пуштен во функција и инфо-центар, кој ќе им помогне на посетителите да можат да се информираат за сите локали и дуќани преку едно место.

Како комплетирани проекти од неговото доаѓање тој ги посочи поставувањето на клупи и на канти за отпад, решавање на проблемот со вентилацијата во подрумот, асфалтирање на улиците и тротоарите кај ГТЦ, враќањето на оригиналната сина боја на објектот, пуштање во употреба на ескалаторите и автобуската постојка, инвестирање во климатизацијата и реконструкција на тоалетите и дел од приземјето.

– Пред 2 години во ГТЦ се немаше издадено ниту еден дуќан веќе 10 години. За тие 2 години успеавме да издадеме над 2.500 метри квадратни деловен простор. Тоа значи дека постои позитивна клима во ГТЦ што ги тера фирмите од приватниот сектор да инвестираат – вели Трајчевски.

Од културни настани можат да се одвојат „Скопје стрит фестивал“ кој ќе се одржи на 7 јуни на кровот на ГТЦ, како и „Размрдај го ГТЦ“ што секоја година носи музички ѕвезди од домашната естрада. Во соработка со Младински културен центар нацртани се мурали, што претставува одлично катче за младите.

Во однос на идните проекти, Трајчевски најави крупен проект за климатизација кој е во завршна фаза, како и конференциска сала во сопственост на ГТЦ, а која ќе се издава и која треба да биде пуштена во рок од месец или два.

– Воспоставивме партнерски однос со здружението на стопанственици, кое е многу битно за да ги акумилираме и предлозите кои ги даваат тие, бидејќи мора да се слуша и нивниот глас, за заеднички да се развива ГТЦ – изјави Трајчевски кој исто така дополни дека негов најголем успех претставува Зелениот кров, чија градежна работа треба да започне оваа или следната недела.

 [ReviewDisclaimer]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот