Трагедија на Ламанш: Се удавија 27 мигранти, Франција и Британија меѓусебно се обвинуваат

мигранти на ламанш
Полиција на каналот Ламанш / Фото: EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Во обид да преминат преку каналот Ламанш од Франција кон Велика Британија, се удавија 27 мигранти меѓу кои три деца и една бремена жена. Поради трагедијата уследија тензии во односите меѓу двете земји.

Мигрантите, кои биле 34, вчера се обиделе со мало пловило да поминат преку Ламанш и од северот на Франција во близина на Кале да стасаат до Велика Британија. Некои од нив се забележани како мавтаат со веслата барајќи помош. Спасувачките служби успеале да спасат неколкумина, додека повеќето загинаа.

Како што објавува Би-би-си, патувањето долго 32 километра преку Ламанш е многу опасно. Меѓу другото и затоа што станува збор за една од најпрометните рути на светот.

гроб мигрант
Гроб на загинат мигрант на каналот Ламанш / Фото: EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Според сѐ уште непотврдени информации, мигрантите во Франција дошле од Блискиот исток. За две преживеани лица потврдено е дека се од Сомалија и Ирак. Би-би-си пишува дека наспроти трагедијата и многу неповолните временски услови, мигрантите сѐ уште се обидуваат да преминат преку каналот. Од утрово во Велика Британија пристигнале 40 мигранти кои биле во два пловни објекта.

Француската полиција утрово уапсила пет лица кои се осомничени за криумчарење на мигранти.

Британците за оваа несреќа ги обвинуваат Французите. Меѓу другото се прашуваат зошто Франција не прави повеќе за да оневозможи ваков вид миграција.

Парламентарецот Пјер-Анри Димон од Кале, каде веќе подолго време има мигрантски камп со луѓе кои сакаат да заминат за Британија, не мисли дека со зголемувањео на бројот на полицајци во Кале ќе се реши овој проблем.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој од вчера е во посета на Хрватска со цел потпишување договор за продажба на борбени авиони од Загреб порача дека европските земји мораат посилно да соработуваат за сузбивање на криумчарењето со луѓе.

Макрон рече дека Франција е транзитна земја и дека нејзините безбедносни сили се постојано ангажирани, објавува Би-би-си.

ВИДЕО| Макрон во Загреб потпиша декларација за партнерство, купените борбени Рафали го надлетаа Загреб

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот