„Титаник 1“ и „Талир“ почнуваат од почеток кај нов судија, Судскиот совет не донесе одлука судијата Шабани времено да се врати во Кривичниот суд

Судски совет/Фото: Слободен печат-Слободан Ѓуриќ

Предметите „Титаник 1“ за изборни манипулации и „Талир“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ што го почна поранешното Специјално јавно обвинителство најверојатно ќе застарат затоа што судењето за нив ќе мора да почне од почеток. Овие предмети ги судеше судијата Осман Шабани, кој минатата седмица, на 18 јануари даде свечена заклетва како судија во Апелацискиот суд во Скопје, а Судскиот совет денеска на итна седница се обиде да го делегира времено назад во Кривичниот суд на период од една година, но за одлуката немаше мнозинство. За делегирање на Шабани гласаа шест члена на Судскиот совет, шестмина беа против, а за да се донесе одлука се потребни осум гласа.

За разлика од оваа итна седница, на претходната итна седница во четвртокот веднаш по свечената заклетва на новите апелациски судии, Судскиот совет едногласно одлучи да ја врати назад во Кривичниот суд судијката Александра Ристеска, која е дел од судечкиот совет во предметот „Ласкарци“ за период до изрекување на пресудата, што се случи денеска, а со истата цел – да не пропадне предметот и да не се развлече дополнително судењето затоа што кога се менува член на судечкиот совет, судија или поротник судењето понува одново.

Членовите на Судскиот совет во случајот со судијата Шабани беа поделени во мислењата. За разлика од предметот со автобуската несреќа кој беше пред изрекување на пресудата, предметите „Титаник 1“ и „Талир“ се во доказна постапка, па членовите имаа дилеми дали воопшто Шабани ќе успее да ги доврши во периодот од една година додека е времено делегиран или не, а подолго од една година не може да биде делегиран. Дел од членовите на Судскиот совет сметаа дека судијата Шабани сепак има најдобри шанси да ги доврши предметите, а ако не биде делегиран, новиот судија кој ќе почне од почеток ќе треба два месеци само да ги чита списите, па во таа варијанта предметите речиси сигурно ќе пропаднат.

На страната на аргументите Шабани да не биде делегиран беа членовите Тања Чачарова Илиевска, Лорета Георгиевска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми. Адеми истакна дека судијата Шабани веќе е оштетен затоа што и претходно немал прилика да биде унапреден во апелациски судија затоа што имал предмети за довршување и не може повторно да не му биде дозволено да биде судија во Апелација. Тој сметаше дека се поголеми шансите новиот судија со добра поддршка од претседателот на Кривичниот суд да ги сработи брзо предметите. Георгиевска, пак, предложи на новиот судија што ги презел предметите од Шабани претседателот на Кривичен суд да му овозможи да ги работи само предметите „Титаник“ и „Талир“ и да му додели резервни судии и резервни поротници како гаранција дека повторениот судски процес ќе биде брз и ефикасен и ќе има завршница. Но, колегите ја одбија со образложение дека тие предлози се во исклучива надлежност на претседателот на судот и Судскиот совет не смее да му влијае како ќе ја организира работата на судот. Координаторката на Кривичниот суд Мери Радевска, пак, на овој предлог на Георгиева возврати дека во судот нема доволен број на судии и поротници за да бидат „резерви“.

На страната на аргументите за делегирање на судијата Шабани застанаа претседателката на Судскиот совет Весна Дамева и членовите Антоанета Димовска и Ивица Георгиевски.

Ивица Николовски праша кога утре ќе застарат овие високопрофилни предмети, чија ќе биде одговорноста?

– Судскиот совет, претседателот на кривичниот суд, Врховниот суд, никој од овие не се потрудил да обезбеди услови за поголема ефикасност и предметите да има завршница. Од нас зависи дали последиците ќе бидат негативни или со делегирање на судијата ќе преземеме одредено позитивно дејствие за да покажеме дека ја следиме работата и се трудиме да обезбедиме услови. Ние знаеме како јавноста не осудува сите по ред кога предметите застаруваат. Поентата е дали со одоновото постапување во овие предмети тие се однапред осудени на застарување. Немаме ефикасно судство ако предметите застаруваат – рече Николовски.

Членот на Советот Антоанета Димовска истакна дека судијата Шабани најдобро ги знае своите предмети и треба да биде делегиран затоа што тој има панси да ги доврши.

– Судијата има сослушано 200 сведоци во предметот „Титаник“. Колку време ќе биде потребно за сето тоа да се изведе одново – рече таа.

Колешката Шапаровска-Илиевска ѝ реплицираше со прашање од каде да знаат со сигирност дека Шабани ќе успее да ги доврши предметите.

– Ако го делегираме судијата Шабани на една година, нема ли со тоа да направиме штета – праша таа.

Во дискусијата се јави и претседателката на Врховниот суд, која почна редовно да доаѓа на седниците на Судскиот совет откако Дамева беше вратена како претседателка. Таа даде поддршка на предлогот Шабани да се врати во Кривичниот суд.

– Сè што е во насока на исполнување на целите на судството мора да се преземе, тоа знали почитување на начелото за ефикасност, особено за предмети од јавен итерес. Во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата се наведува дека застаруваат случаи со висока корупција – рече Адеми.

На седницата беше истакнато дека претседателот на Кривичниот суд веќе рачно со одлука ги прераспределил предметите на судијата Осман Шабани на друг, ист судија, кои се веќе заведени во АКМИС системот.

Во судскиот предмет „Титаник“ обвинети занарушување на изборните процеси во 2011 и 2013 година се повеќе лица, меѓу кои поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Мартин Протуѓер, Илија Димовски и други. Во предметот „Талир“ за незакоснко финансирање на ВМРО-ДПМНЕ е првообвинет експремиерот и бивш лидер на партијата Никола Груевски, а нему му се суди во отсуство бидејќи избега и доби азил во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, како и Илија Димовски и Леко Ристовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот