Фото: Жана П. Божиновска/Слободен печат

Тешко ќе се докаже „екоцид“ во аферата со мазутот

Правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, се богателе со согорување сомнителни и недозволиви материи. Овие сомнежи што јавно ги кажа и премиерот Христијан Мицкоски за незаконските набавки на мазут што во превод значат дека бизнисмени се богателе труејќи ги граѓаните, предизвикаа најголем револт во јавноста во држава во која главниот град на апликациите што ја мерат загаденоста на воздухот, е меѓу првите најзагадени градови во светот, а државата е меѓу најзагадените во Европа.

Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен неодамна, пишува дека во Македонија годишно умираат повеќе од 4.000 луѓе од загадениот воздух.

– Овие луѓе што правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип недозволиви материи, со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот што е уставно гарантирано за сите граѓани – изјави Мицкоски кога беше обелоденета аферата.

Според последните процени од минатата година, кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година, годишно умираат околу 290 луѓе на 100.000 жители поради тековниот квалитет на амбиенталниот воздух.

– Долготрајната изложеност на високо ниво на загадување на воздухот е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак. Кога станува збор за амбиенталното аерозагадување, станува збор за еколошка нееднаквост што ги влошува здравствените разлики, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми особено на оние сиромашните и социјално загрозените групи на население – пишуваше во извештајот на ИЈЗ објавен во февруари.

Во една ваква атмосфера, кога секојдневно слушаме и за болни од карцином, прашањата што се поставуваат по акцијата за злоупотребите со мазутот е дали ќе се докаже дека тој бил канцероген и ги труел граѓаните. Засега во истрагата што ја отвори обвинителството нема ниту едно кривично дело поврзано со загрозување на животната средина, а уште помалку со делото „екоцид“ за кое има цела глава и во контроверзниот закон што беше изгласан во 2023 година, односно ова дело е на сила.

Екоцид

Па, така, сопственикот на „РКМ“ Ратко Капушевски заврши во Шутка, а тој и неговата фирма две години увезувале мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра. Капушевски и неговата фирма се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи само за перење пари.

Според Обвинителството, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување пари, а во два наврата како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720 милиони денари), за што Обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.

Сепак, од Обвинителството не ја исклучуваат можноста истрагата да се прошири и да бидат опфатени и други лица, но да се додадат и други кривични дела.

– Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција при спроведување на истражните дејства ги опфаќа сите околности поврзани со предметот во кој постапува, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата, како кон други лица, така и за други кривични дела за кои во текот на постапката се обезбедени и допрва ќе се обезбедат докази – велат кратко од Обвинителството за „Слободен печат“.

Во новиот Кривичен законик што се подготвува, но и во сегашниот, „екоцидот“ е ново кривично дело и за него се предвидува казна затвор од најмалку десет години до доживотен затвор.

– Тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор – се вели во овој член.

Во подготвувањето на овие членови учествувала невладината организација „Центар за правни истражувања и анализи“. Никола Јовановски, програмски менаџер на здружението, за „Слободен печат“ вели дека овој предмет може да биде пионерски во примената на „екоцидот“, иако порачува дека докажувањето ќе биде тешко.

– Ако го анализираме овој случај, ќе видиме дека со дејствијата што се преземени реално е предизвикана голема штета на животната средина и особено е важно да се истакне дека е направена штета и по здравјето на луѓето. Она што е битно е да се види колку време траело сето тоа, да се направи една анализа, да се види колку било тоа распространето, односно мазутот, отпадното масло или штетните материи колку биле распространети на територијата на државава и во колкава количина, во колкава мера било тоа употребувано. Во однос на основните елементи кои ги содржи „екоцидот“ секако ова дело може да се стави под „екоцид“ и мислам дека како предмет е доста интересен и може да биде како еден вид на тест за правосудните органи на државата – вели Јовановски во изјава за „Слободен печат“.

Според него, во докажувањето на ова дело треба да бидат вклучени повеќе институции, Државниот инспекторат за животна средина, Царинската управа, како и установите што се одговорни за здравјето на граѓаните.

Тест за правосудните институции

– Јас се надевам дека ова е еден почетен елемент или пионерски предмет, кој ете би можеле да направиме еден напор да го ставиме под кривичното дело „екоцид“. Тоа што делото се случило во минатото од 2021 до 2023 година секако го отежнува докажувањето, бидејќи доколку тоа сè уште се случува во овој период многу поедноставно ќе биде за докажување, меѓутоа составот на мазутот и сите оние хемиски состојки кои што ги содржи сигурно дека може да се докаже причинско-последичната врска врз здравјето на луѓето во согласност со стандардите што се европски и светски во однос на горењето на таков вид гориво – додава Јовановски.

Сепак, адвокатот Јанаки Митровски ја наметнува правната дилема дали за ова кривично дело би можело да се гонат сторителите, со оглед на тоа што ова дело е воведено во Кривичниот законик во 2023 година, а делата се случувале претходно.

– Кривично треба да се докаже дека службено одговорно лице или кој било со преземање дејствија или со непридржување на прописите за заштита на животната средина, предизвикал опасност по здравјето на луѓето и животната средина од поголеми размери. Тоа е малку потешко за докажување затоа што тука е тешко да се докаже причинско-последичната врска меѓу преземените дејствија и последиците. Имаше истражувања во медиумите дека 10 проценти од починатите од рак на бели дробови се последица на загадениот воздух, но и тоа тешко се докажува. Што е со тие 90 проценти, во тој случај кој било осомничен би имал широк простор за одбрана да докажува дека зголемената појава е последица на нешто друго, тоа е многу тешко. Иако лично би сакал барем да се истражува ова, не мора да се подигне обвинение, барем да се истражуваат нивните дејствија, има мерни станици, може да се види колку биле зголемени штетните честитки во тој период кога се согорувал мазутот – вели Митровски.

Ова, всушност, би можело да биде трет дел од истрагата за утврдување каков квалитет имал мазутот што се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми.

Обвинителството ја насочи истрагата за набавката со мазут за термоцентралата „Неготино“ за време на енергетската криза, која всушност беше „ладна резерва“ во електроенергетскиот систем и се вклучи во 2022 година во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија. Тогаш Електростопанство на Македонија (ЕСМ) распиша јавни повици во висина од десетици милиони евра за набавка и мазутот го испорачуваше компанијата на Капушевски.

Новинарски истражувања, но и ревизорски извештаи за ЕСМ покажуваа дека на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имало случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут.

Во акцијата се осомничени 13 лица, а Обвинителството бараше притвор за петмина, меѓу кои и за поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и е обвинет и во предметот „Адитив“. Притвор беше одреден за Капушевски, потоа за Ерџан Сулкоски, порано вработен во „Пуцко петрол“, а сега бизнис-партнер на Капушевски, како и за поранешниот директор во ЕСМ, Ардијан Муча. Единствено Јахоски доби куќен притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот