Тешко е да се следи политиката на Еди Рама

Фото: Слободен печат

Од пред некој месец во Албанија дојде до укинување и на оној помалку неразумен закон со кој се забрани работата на казината, спортските обложувалници и автомат клубовите, нешто што ДУИ веќе подолго време се обидува да го забрани и во Република Македонија.

Веројатно не постои жив Македонец кој не се сеќава на оние мачни денови, кои настапија по вонредните парламентарни избори, одржани во текот на декември во 2016 година.

Тогаш се случи еден настан без преседан, кога албанските партии на Божик, предводени од ДУИ, а во друштво на албанскиот премиер Еди Рама, ја потпишаа заедничката „Тиранска платформа“, своевиден постизборен договор според кој требаше да се врами секоја идна коалиција, која албанските партии во земјава ќе ја составуваат со партиите од т.н. македонски блок.

Во „Тиранската платформа“ беа содржани неколку точки, кои безмалку означуваа федерализација на Македонија, но на тоа набргу се заборави, откако самиот Рама јавно ја поддржа коалицијата на ДУИ и СДСМ, која беше изгласана на онаа, сега веќе легендарна седница, по што почна линчот на пратениците од новото парламентарно мнозинство, предводено од првенците на претходната власт.

Дека на Еди Рама воопшто не му беше битна „Тиранската платформа“, покажа и една година подоцна, кога заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ, но и нашиот премиер Зоран Заев, ја промовираше идејата за мини-шенген. Овој договор, кој пред десетина дена доби „заверка“ и од Белата куќа, по што и последната пречка од неговата реализација е отстранета, беше дочекан на „нож“ од Албанците што живеат надвор од Албанија. Тогаш Рама на политичарите од Косово и од Македонија им порача да го прифатат договорот, бидејќи во спротивно ѝ стојат на патот на развојот на неговата земја.

Оваа промена на курсот на Рама секако дека е предизвикана од реалните потреби на неговите сограѓани, кои како и сите други жители на Балканот, се заинтересирани за подобар живот, поголем стандард и посветла иднина за своите деца. Затоа, од пред некој месец во Албанија дојде до укинување и на оној помалку неразумен закон, со кој се забрани работата на казината, спортските обложувалници и автомат-клубовите, нешто што ДУИ веќе подолго време се обидува да го забрани и во Република Македонија.

Во октомври 2018 година, премиерот Еди Рама рече дека од Нова година ќе умрат казината, обложувалниците, како и онлајн обложувањата, по што беше донесена одлуката за забрана која стапи во сила од 1 јануари во 2019 година. Тоа се темелеше на разни верски побуди, традиционални вредности и воспитни пораки.

Но само две години подоцна, одлуката е променета, со цел да му се помогне на туризмот, но и воопшто на економијата на Албанија, која е тешко погодена од последиците што зад себе ги оставија мерките преземени за спречување на коронавирусот. Па казината и обложувалниците повторно се отворија.

Интересно е дека од ДУИ веќе неколку години се обидуваат да донесат слична забрана на овој сектор во Македонија, а притоа како пример токму ја наведуваат Албанија. Сега, откако Рама по вторпат ги „превесла“, „интегративците“ веројатно од позиција на забрана, отворено ќе влезат во промоција на казината како поткрепа на туризмот и развојот на тешко погодената македонска економија. Слично како и со мини-шенгенот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот