Техеран избира со кого од тимот на Трамп сака да преговара
Иран ѝ сигнализирал на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека претпочита да преговара со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс отколку со други високи функционери, се вели во извештај објавен во американските медиуми во вторникот, наведува Н1.
Препорачано
Си-ен-ен, повикувајќи се на два регионални извори, соопшти дека иранските претставници неформално им кажале на медиумите дека не сакаат повторно да влезат во преговори со специјалниот претставник Стив Виткоф или Џаред Кушнер, наведувајќи „недостаток на доверба“ откако претходните разговори резултираа со воена акција на САД и Израел.
Изворите наводно рекле дека Венс се смета за посклон кон завршување на војната, а еден од изворите навел дека постои перцепција дека тој би бил фокусиран на „донесување крај на конфликтот“.
„Кој и да одлучи администрацијата да го испрати, Иранците ќе мора да соработуваат со него, но тоа не значи дека немаат свои преференции“, наводно рекол друг извор запознаен со состојбите.
Во извештајот меѓу другото се вели дека потенцијалната средба во Исламабад подоцна оваа недела сè уште се разгледува, иако изворите изразија скептицизам дека таа всушност и ќе се одржи.
Претходно неделава, претседателот Доналд Трамп изјави дека САД „моментално се во преговори“ со Иран и дека Венс, државниот секретар Марко Рубио, Виткоф и Кушнер се вклучени во дипломатските напори.
САД наводно му испратиле на Иран план од 15 точки за завршување на војната, доставен преку Пакистан, кој вклучува чекори поврзани со нуклеарните и балистичките ракетни програми на Техеран и поморската безбедност во Ормускиот Теснец.
Иранските власти изјавија дека добиле пораки од некои „пријателски земји“ во кои се пренесува барање на САД за разговори за завршување на војната, додека во исто време негираат какви било директни разговори со Вашингтон.
Инаку, САД и Израел започнаа да спроведуваат воздушни напади врз Иран од 28 февруари, при што досега загинаа повеќе од 1.340 луѓе. Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив кои се домаќини на американска воена инфраструктура, предизвикувајќи жртви и штети на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните економски пазари и воздушниот сообраќај.


