Театарот за деца и младинци денес го прославува својот 34-ти роденден

Сцена од претставата „Македонска приказна“

Првиот професионален детски театар на македонски јазик, Театар за деца и младинци – Скопје, на 25 март го прославува својот 34. роденден со изведба на претставата „Црвенкапа“ на Фестивалот „5ре“ во Велес.

Театарот за деца и младинци – Скопје, сѐ уште ги создава најважните детски, куклени и младински претстави во поранешниот воен ресторан „Вардар“, а зад себе веќе има 34 години неуморна работа, која создава успешни приказни.

Постарите генерации го паметат почетокот на ТДМ пред преполната Универзална сала – Скопје, каде беше изведена претставата „Чудовиштата од нашиот град“ од Русомир Богдановски, а во режија на Коле Ангеловски, со која се означи и официјалното институционално работење на Театарот за деца и младинци.

Во изминатите години, ТДМ забележува бројни, не само домашни, туку и многу важни интернационални успеси. Во постоечкиот објект премиерно е изведена претставата „Убавицата и ѕверот“, која бележи рекорден број на изведби (над 350), како и останати успешни претстави со над 200 изведби: „Црвенкапа“, „Зрното грашок и принцезата“, „Лакомата меца“ и други.

– Имаме бројни Гран-при награди за претстави, меѓу кои во минатото, секако, се бележи успехот на легендарната „Македонска приказна“, потоа следуваат „Тоби“ со повеќе значајни награди и многу други, а со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ само за една година ТДМ се здоби со три Гран-при награди, награда од публика за најдобра претстава, актерски награди, награда за оригинална музика и други – истакнуваат од Театарот за деца и младинци.

Сцена од претставата „Нашиот клас“

Последните години ансамблот на ТДМ, следејќи ги современите текови, се развива согласно истите и на репертоарот бележи вистински театарски освежувања во секој сегмент од програмата: куклени, детско-играни, а особено се значајни младинските претстави (наменети за возраст од 14+).

По бројните гостувања на ТДМ низ Европа, од пред три години успешно го организира и Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, известија од НУ Театар за деца и младинци – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот