ТЦ „Глобал” по расчистување на остатоците од пожарот: Сцена како од апокалиптичен филм, изнесени 370 тони отпад

Фото: МИА

Пепел, мирис на изгорено, црнило, вода, слики како од апокалиптични филмови, можат да се видат и два дена по расчистувањето на остатоците на пожарот во трговскиот центар „Глобал” во Струмица, кој избувна на 2 јануари годинава и пеплоса поголем дел од овој објект.

Денес сликата од „Глобал” е „пожива”, бидејќи повеќе екипи на ЈПКД „Комуналец” и други компании работат во внатрешноста на миење на површините и отстранување на изгорената електрична инсталација. Сопствениците на продавниците, кои не претрпеа поголеми штети, ги чистат црнилата од чадот.

Според Бранко Ѓоргиев од струмичкото комунално претпријатие, денеска се мијат столбовите и од нив се отстрануваат остатоците од огнот.

– И во наредните денови ќе продолжиме со миење и чистење на сите површини за да се подготват за санација и изведување на градежни работи. Работиме според утврдената динамика и благодарение на ангажманот на нашите работници, но и на повеќе компании кои несебично помагаат со работна рака и механизација, се надевам дека во планираниот термин ќе ја завршиме и оваа фаза од отстранувањето на штетите од пожарот, рече Ѓоргиев.

Од денес за сообраќај е отворена и улицата позади „Глобал”, преку која се изнесуваа остатоците од пожарот. Минувачи, кои ѕиркаа во внатрешноста, со неверување гледаа во остатоците и никако не можеа да ја спојат сликата кога секојдневно тука пазаруваа и купуваа.

– Не можам да поверувам дека толку е уништено. Страшно било. Ова е за неверување. Се надевам дека набргу пак ќе доаѓаме тука да пазаруваме, рече еден постар струмичанец.

Од „Глобал” се извадија околу 370 тони најразличен отпад, а во пожарот, кој избувна ноќта на вториот ден од оваа година, опожарен е голем дел од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а урнат е и дел од покривот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот