Тања Кармзова Костиглиола: Вакцина против Ковид-19 оптимистички може да чекаме наесен

Не сум убедена дека масовното тестирање е најдобра опција, како што е случај во неколку други земји. Тоа чини, а не е веродостојно. Сметам дека Франција е во право кога предвидува масовно серолошко тестирање, вели Кармзова Костиглиола за „Слободен печат“ од Париз.

Веќе речиси 12 години Тања Кармзова Костиглиола живее и работи во Париз. Таа е специјализирана во фитотерапија и ароматерапија и работи во аптека. На македонската јавност пак, Тања е позната по нејзината поезија, која редовно ја пишува во слободните мигови, а која е лековита особено во вакви стресни ситуации.

Со Кармзова Костиглиола зборуваме на актуелните теми за коронавирусот и начинот на справувањето со него од страна на парижаните, како и од фармацевтите и докторите кои се во потрага по вистинските медикаменти кои делуваат на пациентите. За сега, официјално нема соодветна терапија за Ковид-19.

-Се тестираат четириесетина лекови, меѓу кои антималарици, антивирални лекови, трансфузија на плазма од веќе излечени пациенти во болнички услови, објаснува Тања и додава дека пред болест која од многу аспекти ни е непозната треба да се биде скромен, но и амбициозен: – Скромни, за да не се прават грешки од преголема самодоверба, амбициозни за да продолжиме да го бараме соодветниот лек во корелација со општата здравствена состојба на секој пациент што најмногу ќе му помогне, а најмалку ќе му наштети.

Како тече животот во Париз овие денови? Дали парижани ги почитуваат мерките од Владата, какви мерки, всушност, се пропишани?

– Она што треба да се запамети е дека Владата, но и опозицијата, инсистираат на тоа да се остане дома. Медиумите редовно ги пренесуваат овие пораки за самоизолација и почитување на бариера – гестовите. Доколку се има потреба да се напушти домот, истата треба да биде јасно напишана во соодветен формулар или на апликацијата достапна од понеделник. Валидни причини за излегување се оние од здравствена природа, пружање помош на фрагилни лица или чување деца, купување на основни намирници, административни причини (банка, центар за социјални работи, МВР) доколку не може да се одложи, шетање на миленици или физичка активност во периметар од 1км од домот и со времетраење од максимум еден час во денот. Секако, здравствените работници поседуваат професионална карта и со неа непречено можат да одат на работа, додека фирмите кои се од апсолутна потреба за да функционира општеството го пополнуваат гореспоменатиот формулар. Мнозинството ги почитува мерките. Впрочем, Париз никогаш не бил потивок. Во случај на прекршок, има соодветни парични казни, кои можат да одат и до притвор доколку прекршокот се повторува повеќе пати. Контролите од страна на полицијата се редовни и ги има речиси насекаде, граѓаните се приморани да почитуваат од една страна за нивно добро, а од друга страна поради почит и солидарност со фрагилните сограѓани. Има елан на меѓусебна помош кој се чувствува. Тоа влева надеж дека во ова денешно општество сепак не е сè изгубено.

Најновите вести од Франција говорат за многу брз процентен скок на коронавирусни инфекции, а ти работиш во аптека. Како ти изгледа работниот ден? Кои ти се најголемите предизвици?

– Начинот на кој се води статистиката е дискутабилен, но мислам дека засега не се во можност да се справат поинаку. Во Франција се тестираат исклучиво оние чија здравствена состојба е тешка. Оние чија клиничка слика е лесна се сметаат за позитивни и не влегуваат во пресметката. Не сум убедена дека масовното тестирање е најдобра опција, како што е случај во неколку други земји. Тоа чини, а не е веродостојно. Сметам дека Франција е во право кога предвидува масовно серолошко тестирање. Ваквиот тест ќе дозволи солидна статистика и ќе даде одговор на прашањата околу стекнувањето имунитет, како и времетраењето на тој имунитет подоцна. Што се однесува до статистиката за смртни случаи како последица на болеста Ковид-19, во тие пресметки влегуваат починатите во болнички услови, а еднаш неделно излегуваат и бројките на починатите во медикализирани старечки домови.

Во однос на еден класичен работен ден во период на пандемија, можам да ви кажам дека денот го поминуваме под маски. Дезинфекција на рацете се правеше што почесто и порано, но сега е еднаш до два пати по услужен пациент. Луѓето во глобала се внимателни, често нè предупредуваат однапред кога се со симптоми за дополнително да внимаваме. Фрекфенцијата на пациенти е драстично намалена, но остануваме максимално присутни и посветени затоа што нашата улога на здравствени работници е неопходна и далеку поважна во моментов од онаа на советници за убавина или за додатоци на исхрана. Најголем предизвик ми е да ја издржам изолацијата која ми се наметнува и после излегувањето од работа, во рамките на мојот дом и кон моето најблиско семејство.

Со каква терапија, со кои медикаменти се лечат заболените? Која терапија најдобро делува?  

– Официјално, нема соодветна терапија за Ковид-19. Се тестираат четириесетина лекови, меѓу кои антималарици (за кои премногу се зборува и тоа почнува да се претвора во проблем со кој ние како фармацевти и техничари се соочуваме, а не смееме да ги издадеме без рецепта имајќи во предвид дека истражувањата се во тек, значи не е ниту етички, ниту од помош), антивирални лекови, трансфузија на плазма од веќе излечени пациенти во болнички услови. Пациентите со тешка клиничка слика се вклучени на апарат за респираторна асистенција, повторно во болнички услови, бидејќи методата е инвазивна. Научниците не можат да кажат што е најефикасно во моментот. Мислам дека пред болест која од многу аспекти ни е непозната – треба да бидеме скромни, но и амбициозни. Скромни, за да не се прават грешки од преголема самодоверба, амбициозни за да продолжиме да го бараме соодветниот лек во корелација со општата здравствена состојба на секој пациент што најмногу ќе му помогне, а најмалку ќе му наштети.

Кои се најновите информации во фармацијата за поуспешна борба против коронавирусот?

– Нови информации има секоја минута. Екстремно брзо се менуваат работите. Сè помалку зборуваме за врвот, или пикот, на пандемијата, сè повеќе се употребува терминот „плоча”. Мора да се сфати дека еволуцијата на инфекцијата со SARS-CoV-2 е неверојатно брза, но затоа излегувањето ќе биде бавно. Иновација се серолошките тестови кои веќе се произведуваат во фирма во регионот Бретања чиј сопственик е г-н Милован Станков Пиже (фондатор со српско потекло, н.з). Иновација е клиничката студија Дискавери во која се истражуваат сите евентуално ефикасни терапии. Иновација е брзото дешифрирање на виралните протеини кои овозможуваат да знаеме точно против што се бориме, за полесно да најдеме како да се се бориме.

Реално, кога би можеле да ја очекуваме првата вакцина и колку таа би помогнала?  

– Моментално, „Санофи Пастер“ работат на вакцина со модификации на онаа која се користи вообичаено против морбили. Резулатите од првичните тестирања се очекуваат кон крајот на мај. Вообичаено, за да се предложи сосема нова вакцина потребни се години тестирања во екстремно прецизно дефинирани услови. Тоа време е премногу драгоцено сега, затоа се работи на овој начин. Во последните изјави на „Пастер“ се вели дека досегашните резултати се солидни. Сепак, имајќи во предвид дека количините кои се потребни за имунизација на француското, а и на светското население, мислам дека ако сме оптимисти можеме да очекуваме нешто наесен.

. Има уметници кои ставија дел од нивните лични ресурси на располагање за борбата против Ковид-19. Има и такви коишто ќе ја изгубат и кошулата на грбот, што е неправедно и жално.

Македонската јавност те познава како поетеса. Според тоа што го читаме, француските уметници се жалат дека се целосно оставени на себе?

– Ретки се оние професии кои не се погодени од последиците на пандемијата. Уметниците имаат специфичен статус од кој не зависам и морам да ви признаам дека ми е целосно непознат. Импактот од ова што денес го живееме, за жал, ќе го чувствуваме со години. Сите. Зависно од тоа кој уметник, каков уметник, со колкави вообичаени примања и со колаково претходно богатство на страна се нашол кога го затекнала пандемијата, ќе се извлечат полесно или потешко. Има уметници кои ставија дел од нивните лични ресурси на располагање за борбата против Ковид-19. Има и такви коишто ќе ја изгубат и кошулата на грбот, што е неправедно и жално. Мислам дека ќе има солидарен фонд што ќе им помогне да ја пребродат оваа ситуација и да ни дарат убавини кога бурата ќе стивне.

Колку поезијата и бегството во уметност ти помага во ваквите стресни ситуации?  

– Многу. Денот ми почнува со кафе и музика пред работа. Истовремено читам со кафето. Се обезбедив со збирки поезија, драми, романи, со филмови. Читам и стручна литература. Пишувам редовно, речиси постојано. Вести гледам еднаш дневно. Со тоа сепак успевам да одржам одредено растојание меѓу себеси и болеста, меѓу себеси и општата паника, меѓу себеси и стравот. Ако тоа растојание биде проголтано од овој хаос, мислам дека ќе бидам помалку корисна на општеството во моменти кога тоа има апсолутна потреба од сите нас на различен начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот