Светски познатиот пијанист и органист Ренато Чико ќе настапи со Националниот џез-оркестар во Скопје
Националниот џез-оркестар на 19 февруари, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Ренато Чико (Renato Chicco). Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Препорачано
Ренато Чико е музичар чиј израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на Лионел Хемптон и музички директор на „Јон Хендрикс анд компани“, Чико делувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови, како „Блу ноут“ и „Брдленд“.
Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој во проектот „Орган анд биг-бенд“ е поставен во центарот на оркестарскиот израз.
На концертот ќе биде изведена програмата од неговиот албум „First Encounter – Organ & Big Band“, проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани.
Специјален гостин на вечерта е Енди Ватсон (Њујорк) – тапанар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како „Вангјард џез оркестра“ и Тошико Акијоши биг-бенд. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)


