Светот ќе ја гледа Македонија: Пет убавици ќе нè претставуваат на светски избори за убавина
По успешниот дебитантски настан во 2024 година, кога Македонија за првпат доби своја претставничка на „Мис Универзум“ во Мексико, манифестацијата „Мис Македонија“ годинава се враќа со ново, уште поголемо издание. Финалната вечер ќе се одржи на 25 септември во Националната опера и балет во Скопје.
Препорачано
Она што ја прави „Мис Македонија 2025“ посебна е новиот концепт: наместо една, ќе бидат избрани пет победнички кои ќе ја претставуваат државата на пет светски избори за убавина — Мис Универзум, Мис Свет, Мис Космо, Мис Гранд Интернешнал и Мис Супранационал.
„Минатата година покажавме дека Македонија има капацитет да организира манифестација од светски ранг. Оваа година одиме чекор понатаму, со повеќе можности за нашите девојки и со амбиција ова да стане настан кој секоја година ќе го става фокусот врз македонската убавина, култура и потенцијал“, изјави Шакир Села, главен организатор на изборот.

Првото издание беше поздравено како прв професионално организиран избор за убавина во земјава, со внимателна селекција, силна медиумска поддршка и сценска продукција на светско ниво. За годинашното издание се очекува уште поголем интерес — и од кандидатките, и од јавноста, и од деловната заедница.
Апликациите се веќе отворени. Сите девојки од Македонија кои имаат желба и амбиција да се натпреваруваат и да станат дел од оваа престижна манифестација можат да се пријават најдоцна до 1 септември 2025 година.


