„Светата крава“ на банкарството топ не ја бие!

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Македонија има повеќе шанса метеор да ја погоди, само „светата крава“ на банкарството не смее да се чепне, бидејќи веднаш следуваат тирадите за макроекономската стабилност на земјата, за стабилноста на националната валута, за загрозувањето на економските основи на општеството, за мешањето на државата во бизнисот, за „инструментите“, „деловните политики“ итн.

Топло ви препорачувам, оние што пропуштиле тоа да го направат, да го прочитате вчерашниот осврт на мојата колешка Весна Дамчевска (https://www.slobodenpecat.mk/glavna-bankarska-vizija-provizija/) во „Слободен печат“ за сегашната состојба во македонското банкарство во Македонија. Ако смеам да го интерпретирам заклучокот на Дамчевска: во години на политички, економски, енергетски, еколошки и семожни други кризи, македонските банкари топ не ги бие! Профитите им се поголеми од кога било, по сите основи, а за конечниот „однос на силите“ помеѓу овој сектор и општеството, најпрецизен показател е соодносот на каматите што ви ги земаат кога ви даваат кредит, наспроти оние што ви ги даваат ако им ги дадете парите на чување: просечната каматна стапка за кредит е 4,46%, а просечната каматна стапка за штедење е 0,78%.

Да потсетиме: комерцијалните банки не печатат пари; ние им ги даваме на чување, за потоа тие да ни ги позајмат, а во таа нати-дајми трансакција тие наплаќаат близу шест пати повисока камата од онаа што ни ја даваат нам, нивните финансиери. Добро, знаеме, бидејќи и парите се обична стока на пазарот, во капитализмот и цената на таа стока подлежи на правилото за понуда и побарувачка. Преведено, а и упростено, тоа значи дека многу повеќе бараат пари оние што ги немаат, одошто што оние што ги штедат се подготвени да влезат во ризикот самите да ги инвестираат, наместо да ги штедат.

Во Македонија, главно, уште се размислува социјалистички: сигурноста на чувањето пари „под перница“ (или „заробени“ во циглите на купените, а невселени станови) е поголема, отколку ризикот да влезеш во некаков бизнис, па да ги оплодиш… Државните резерви се на рекордно ниво (како и буџетските задолжувања), стопанството се бори со стапка на годишен развој од (само) 3-4%, банките цветаат, паралелно со сивата економија.

Ова би морало да значи дека државата – да, де, најголемиот број од нас – има проблем. Го адресира ли некој надлежен овој проблем? Секако. Палетата мерки е широка: даноци, акцизи, развојни политики, субвенции, партиски вработувања и купувања изборни гласови, антикорупциски кампањи, заострени закони и контроли… Сѐ и сешто! Само „светата крава“ на банкарството не смее да се чепне, бидејќи веднаш следуваат тирадите за банкарската ликвидност, за адекватноста на капиталот, за стабилноста на националната валута, за загрозувањето на економските основи на општеството, за мешањето на државата во бизнисот, за „инструментите“, за „деловните политики“ итн.

Ќут! Сус! Баста!!!

Банкарското лоби во Македонија – не се тоа (само) директорите на банките, туку нивните главни акционери, што не се бројат во повеќе од стотина семејства – без сомневање е највлијателниот круг луѓе што ја „топат“ секоја политичка елита на власт (нормално, кога и персонално самите не се на власт). Нема премиер, министер за финансии, а ретко и гувернер на Народна банка, кој смее да им чепне во профитот… Нема ни обвинител кој може да ги вознемири – дури и кога една банка славно ќе пропадне, секогаш се виновни глупавите штедачи! Нема судија што може да досуди вон нивна корист, дури и кога правото треба да се изгази под нозе… Впрочем, најголемите криминали се секогаш законски, бидејќи и „надлежните“ закони се така направени, што банкарското лоби одамна си ја има обезбедено неказнивоста во нив, а во најлош случај така легално ќе се одолговлечат постапките, што сите засегнати страни попрво (банкротирани) ќе испоцркаат, пред да дочекаат правосилна судска одлука што е против нечиј банкарски интерес. Затоа е во право Б. Брехт кога вели: ограбувањето банка не е никакво кривично дело во споредба со основањето банка!

И, рака на срце, тоа е така можеби во целиот свет: побрзо ќе пропадне Германија, отколку „Дојче банк“ или американскиот капиталистички здравствен систем наспроти социјалистичкото спасување на тамошниот банкарски систем.

Но, на човек мака му доаѓа кога ќе види како, на пример, за секое „добро утро“ на банкарски шалтер ви земаат провизија, па дури и 1.500 денари ако сакате да си ја затворите сметката кај нив! Тоа не е ни како кога улични џепчии стручно ќе ве „олеснат“ од паричникот, туку повеќе како насилници што прво ќе ве треснат „со тап предмет“ по глава, па ќе ви го украдат часовникот од рака! Па, после се чудите зошто сѐ повеќе народ копа криптовалути… Или зошто гласаат за најголемите лудаци на бирачкото ливче. Затоа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот