Главна банкарска визија – провизија!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Банките годинава за девет месеци направија добивка од 117,5 милиони евра. Овој рекорд не ќе беше можен без десетиците провизии (кои многу повеќе личат на легални кражби) што им ги наплатуваат на беспомошните клиенти. На пример, една банка ги „казнува“ тие што ќе си ја затворат сметката со провизија од 1.500 денари?!

Не им е лесно на банкарите да направат толкави пари – треба да се смисли како да се дојде до нив. Не е само стави камата и – терај! Каматата не е доволна да се покрие луксузниот банкарски живот и дебелите дивиденди. Потребни се повеќе пари. Како? Преку провизии.

Ако се отворат тарифниците на банките, ќе се најдат давачки за кои ни во сон нема да сонувате, но, ете, вредните банкари ги смислиле. Провизиите се различни, зависно од способноста за нивно креирање, како и од „усулот“ на банката, па може да се сретне: административен трошок за аплицирање за дозволено пречекорување, па годишна провизија за тоа пречекорување, па месечна провизија за одржување на трансакциската сметка, па годишна провизија за сметки со некомплетни податоци, па провизија за затворање сметка по барање на клиент… За една иста „услуга“ ценовникот е различен, па така претрагата нѐ доведе и до драматични 1.500 денари за затворање сметка по барање на клиентот. 1.500 денари?! Што значи ова? Банката му се одмаздува на клиентот што веќе не сака да има таму сметка?!

Да биде катастрофата уште поголема, одговорот од сите истанци е ист – сѐ е според закон и според деловната политика на банката. Каков е тој закон според кој, и покрај каматата што се плаќа за кредитот во вид на дозволено пречекорување, дополнително може да се наплаќа и годишна провизија од 1 процент од износот на пречекорувањето?  И какво е тоа запазување на регулативата, според која банките треба транспарентно да ги објават провизиите на нивната веб-страница, ако треба „да се убиеш“ од барање на ценовникот?

Претседателката на Македонската асоцијација за банкарство, Маја Стефкова Штериева, зборувајќи за ризиците во различни финансиски инструменти надвор од банкарскиот систем, фино рече дека секој човек не е финансиски писмен за да знае во што се впушта. Исто важи и за банкарските услуги. Секој човек не мора да биде „хакер“ за да ги открие тарифниците со провизии и не мора да има „око соколово“ за да ги пронајде сите „кваки“ во договорите. Затоа треба јасно да му се каже сѐ што ќе го снајде пред да се договори каква било банкарска услуга, па дури да е и тоа обично водење трансакциска сметка, која патем е задолжителна, а не желба на граѓаните, од проста причина што времето на давање плати и пензии во плик, одамна е поминато. Затоа, не може никој да каже – не морате да одите во банка. Морате!

Далеку од тоа дека банките треба да бидат „слаби“ и немоќни. Па, таму се нашите пари. Од нив се даваат и кредити што ќе пропаднат и кои мора да бидат покриени. Банкарството не е едноставна работа. Но, дека се претера се претера. Банките годинава за 9 месеци направија добивка од 117,5 милиони евра, речиси колку што им беше за целата претходна година. Притоа, во септември 2021 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,46 проценти, а просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесуваше едвај 0,78 проценти. Во превод, ниту граѓаните ниту фирмите видоа нешто од тоа што парите им лежат во банка.

Слабо развиениот финансиски пазар добро им оди од рака на банкарите, но министерот за финансии Фатмир Бесими на Денот на штедењето им порача дека финансискиот пазар дополнително ќе се либерализира и дека допрва доаѓа време на конкуренција. Но, засега банкарите ја имаат таа комоција да делат стотици илјада евра за дивиденди, па потоа да си купуваат нови акции во банките и така се повеќе да го јакнат своето лично богатство, додека каматите и провизиите удираат по џебот на народот, неретко решавајќи нечија судбина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот