Свеста на граѓаните се „лизна“ на детските игралишта во Капиштец

Искршени и оштетени реквизити, извадени седишта од клацкалките, откорнати, па дури и запалени коњчиња клацкалки наменети за најмалите дечиња – сето ова може да се види на детските игралишта кај ТЦ „Зебра“ и во Капиштец во близина на КАМ маркетот.

Родители на деца што живеат во близина на овие игралишта, реагираат и бараат да се заштитат игралиштата и да се спречи вандалското однесување на несовесни граѓани кон катчињата што се заменети за забава на најмладите.

– Имам двегодишно дете и за него најголема радост е времето поминато на игралиштата. Тука се збираат деца од цело маало. За жал, дел од реквизитите, иако прилично нови, веќе се искршени. Замислете, ги откорнале коњчињата за клацкање, а едното дури го запалиле. Јас навистина не го разбирам тоа дивеење и уништување и не разбирам зошто Општината, која вложува во овие игралишта, не преземе нешто да ги обезбеди или да ангажира чувари – вели Ивана Б. од населбата Капиштец.

Од Општина Центар велат дека обновата на игралиштата се врши редовно и дека реквизитите и на овие две детските игралишта ќе бидат заменети при првата можност. Оттаму објаснуваат дека игралиштата не се заградени затоа што се јавни добра, кои се платени од граѓаните за користење од граѓаните.

– Општина Центар апелира до сите жители и добронамерници, кои престојуваат и минуваат низ територијата на Општината, да се воздржат од оштетувања на јавните површини, затоа што тие се наменети за разубавување и хуманизирање на просторот за сите нас – велат од Центар.

За жал, апелите на Општината очигледно не допираат до свеста на сите граѓани. Ваквата состојба не е присутна само на територијата на Центар. На удар се и други детски игралишта низ градот. Како што велат дел од граѓаните со кои разговаравме, детските игралишта најчесто ги вандализираат  тинејџерите, кои се збираат на овие простори во доцните вечерни часови, а дел од нив буквално „дивеат“ и ги уништуваат реквизитите,

Во некои населби има и поинакви примери. Детското игралиште во Карпош 1 на пример, има висока челична ограда, која секоја вечер точно во 9 часот се заклучува, а се отвора наутро. Реквизитите се сочувани и ги користат оние за кои се наменети. Жителите од населбата велат дека начинот на кој сега е организирано и заштитено игралиштето се покажал ефикасен, за среќа на децата кои цел ден се забавуваат на лулашките и лизгалките што се поставени на овој простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот