Сведоштвото на Павлина Касапинова за злосторството во Ваташа
Поради развојот на народноослободителното движење и по неуспешната осумдневна офанзива против партизанските одреди „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“, бугарскиот фашистички окупатор, за да го застраши и да го одврати локалното население од вооружено востание, на 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Трневски, го изврши крвавото злосторство.
Денеска се навршуваат 80 години од крвавото злосторство кога во 1943 година фашистичкиот бугарски окупатор со стрелање ги прекина животите на 12 младинци од Ваташа, Кавадаречко. И овој пат не можеме, а да не ги изнесеме сеќавањата од ова револуционерно тиквешко село за злосторот што ja потресе Тиквешијата, а jа расплака и цела Македонија.
Препорачано
Тука во Моклиште, долината на младоста, високо се издига грандиозниот споменик на Револуцијата. Во знак на благодарност и трајно сеќавање, пионерите, младината, граѓаните на нашата република речиси секоја година го посетуваат споменикот на непобедените, поклонувајќи им се на храбрите младинци кои пред 80 години засекогаш ги напуштија училишни клупи. Нивното херојство изминативе децении се преточи во легенда и во песна.
Поради развојот на народноослободителното движење и неуспешниот обид со деноноќна осумдневна офанзива да ги уништи партизанските одреди „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“ кои оперираа во Тиквешко, бугарскиот фашистички окупатор, за да го застраши и да го одврати локалното население од вооружено востание, на 16 јуни 1943 година, токму на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Трневски го изврши крвавото злосторство.
Тој ден пролетта бликаше во најголема раскош
Тој ден пролетта бликаше во најголема раскош, цутеа цутовите, мирисаа и шумолеа јаворите и брезите. Уште во мугрите сретсело зачука барабанот. Сите што го слушнаа, излегоа. Се собраа пред селската кафеана и ја слушнаа наредбата: секој што има во својот дом оружје, муниција, облека… да донесе пред кафеаната. Ваташани донесоа стари матарки, ќебиња и други незначајни предмети. Оружје не донесе ниту еден. Меѓутоа, врз основа на една фотографија од еден мајски излет со другарите од Ваташа (до ден денешен остана непознато како таа фотографија дошла во рацете на бугарскиот поручник Костов) беше наредено во селската кафеана да бидат доведени 12 младинци поради сомневање дека стројните момчиња од фотографијата соработуваат со партизаните. Потоа, Костов побарал во кафеаната да се доведат и младинките Стева Ампова, Павлина Касапинова, Невена Хаџи Јорданова, сестра на веќе фатениот Васил Хаџи Јорданов, и Ката Мешкова (Ицева), сестра на Блажо Ицев, кој исто така бил во кафеаната.
Сведоштвото на Павлина Касапинова
Пред неколку години имав можноист за ваташката „кланица“ да разговарам со повеќемина постари жители од селото и со Павлина Касапинова, една од четирите другарки на стреланите скоевци од Ваташа, која под силна стража била принудена да го следи овој крвав чин врз нејзините другари.
– Таа година на Први мај бевме на излет во Моклиште и, како по традиција, со 12 наши другари се фотографиравме за спомен. Кобната фотографија беше причина сите да нè доведат во селската кафеана. По краткото испитување, секого од нас го ставаа свртен кон ѕидот, а поручникот Костов, одвреме-навреме креваше чоканчиња полни со ракија. Почнаа да нè прашуваат и да ни кажуваат дека им е познато кога нè примиле во СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија – н.з.). Одговаравме дека ништо не знаеме и дека првпат слушаме за CKOJ!? Иако најстариот од нас, Васо Хаџи Јорданов, сопственик на кафеаната, постојано и одвратно го служеше Костов со ракија, суровоста на џелатите не престануваше: со сите расположливи средства удираа по изнемоштените другари. Ние, преплашени, занемевме од суровиот чин. Сите беа раскрвавени, Диме Чекоров одвај стоеше, зашто беше мачен уште пред да го доведат во кафеаната. Немилосрдно го тепаа и со раце и со нозе, и со сè што можеа и што им беше при рака. Ниту еден од нас не изусти ништо. Кај никого не најдоа ништо, освен проклетата фотографија што ја донесе најстрашната казна!? – се сеќава Касапинова.
Потоа, еден од полицајците jа отворил вратата и наредил да излезат надвор каде што сонцето печело како под вршник, го продолжи сведоштвото Касапинова.
– На улицата пред кафеаната, догледавме долга колона полицајци и војници со машинки и пушки в раце. Поручникот Костов на 12 наши другари им нареди да се постројат во колона, а зад нив нè построија и нас – четирите девојки. Војници и полицајци, вооружени до заби, за миг нè обиколија од обете страни и наредија да тргнеме кон Моклиште – раскажува Павлина.
Припекот се повеќе се вжештувал, а кога се приближиле до месноста Дуловото Долче, им наредиле да свртат кон ливадата, во близина на јаворовите стебла.
– На другарите им рекоа да се наредат еден до друг, божем ќе ги сликаат. Ги натераа да запалат и цигара. Нас, девојките, нè прејаде јасникот… Ако ги фотографираат, тогаш и нас треба… Во еден момент, Костов се сврти кон нас и на бугарски изговори: „Пронајдете детелина со четири листа и сите ќе ве ослободам“. И, покрај нашата недоверба, се нурнавме во зелениот ќилим и со брзи движења на рацете почнавме да бараме детелина со четири листа. Никако да пронајдеме! – раскажува Касапинова.
Во еден момент, полковникот Костов наредил војниците да застанат пред момчињата. Најстариот меѓу младинците, Васо, кришум фрлил поглед кон реката Луда Мара. Во еден миг, со неколку чекори, ја прескокнал водата и потрчал кон шумичката со надеж дека ќе избега, но веќе беше доцна. Кутриот Васо, само толку успеа да побегне, триесетина метри од неговите другари, се присетува нашата соговорничка, по што дошла кобната наредба на Костов кон војниците.
– А сега бој! Стрелајте! – наредил тој.
Фашистите биле сосема близу до момчињата и не им бело тешко да ги изрешетаат момчињата, истурајќи смртоносни рафали врз нивните тела. Настанале пискотници. Четирите девојки со силен плач се збрале на куп, корнејќи коси.
– Мојата другарка Стевка пронашла детелина со четири листа и потрча кон Костов со зборовите: „Господине, не убивајте! Најдовме детелина со четири листа!“
Една група од војниците стрелаше и по Герасим, кој се вдаде во бегство по Васо, но и него го погодија повеќе рафали!
– Се фрливме врз мртвите тела на нашите другари. Војниците нè тргаа од нив. Како бездушни џелати, со бајонетите ги бодеа младешките гради. Потоа крвниците ги превртуваа жешките мртви тела на 12-те наши другари, им ги претресуваа џебовите, а оние што имаа рачни часовници им ги вадеа од рацете!? Најмногу ги искасапија труповите на Диме Чекоров и Блажо Ицев, кој иако беше тешко ранет во главата, сепак покажуваше знаци на живот – ни го раскажа Павлина Касапинова, една од преживеаните другарки на дванаесеттемина скоевци од Ваташа.
Измасакрираните момчиња ги оставиле на пеколното сонце, а селаните од Ваташа масовно се упатиле кон Моклиште. Ги зеле телата, ги донеле под бујните јаворови стебла каде што ископале гробови. Одоздола послале млади зелени фиданки од јаворовите стебла и ги положиле во гробовите пред да ги покријат со земја.
По извршеното ѕверство и невидена бруталност, бугарските војници со марширање „победнички“ сакале да поминат низ Ваташа и Кавадарци. Кога стигнале во селото, ги виделе црните шамии што веќе се вееле на селските порти. Од секоја куќа се слушал плач, лелекање, па фашистите молкум и со наведнати глави тивко поминале низ селото.

Бунт на народот
Народот, наместо да се исплаши, се кренал на масовен бунт. Партизанските одреди прераснале во бригади. Само неколку месеци потоа, во Ваташа е формирана и втора скоевска група и оваа мала тиквешка населба почнува да игра видна улога во народноослободителното движење во Тиквешијата и во Македонија. Таа младина беше одговорна, со висок револуционерен морал, со несебичност и оптимизам, имаше голем, но ненаметлив авторитет кај населението од овој крај. Остави неоспорен придонес кон револуционерното минато на Ваташа. Особено се почувствува револуционерното влијание врз познатите Страшо Пинџур, Димката Ангелов Габерот, Мито Хаџивасилев Jасмин, Ристо Џунов – Бацко и други борци, членови на партијата од Ваташа и од Тиквешијата.
Свирепото убиство ќе го опее и Славко Јаневски со стиховите „Тиквешко негде, в некое село, крај слана тивко венеше цвеќе, убија дете“. Поетот Лазар Манчевски – Пинџур, трагедијата ја овековечи со песната „Ми заплакало селото Ваташа”.
Стрелањето на наредбодателот Љубен Апостолов
По ослободувањето, наши агенти, во една кафеана во Софија го препознале Љубен Апостолов, кој бил командант 56-тиот пешадиски полк, стациониран во Велес. Апостолов, главниот наредбодател за колежот во Ваташа, бил киднапиран и тајно однесен во Кавадарци. Неговото судење предизвикало огромно интересирање кај населението од Повардарјето и Тиквешијата. Големата сала во монополот во Кавадарци се исполнила до последното место на 21 јуни 1945, кога обвинетиот седнал на клупата пред Народниот суд. Масата народ во судницата скандирала – „Смрт со бесење за колачот, за ѕверот“. Тој пред судот се обидел вината да ја префрли на Петко Опреков, тогашниот полициски началник во Кавадарци, а тој само ги извршувал наредбите на царската порта од Софија. Апостолов бил стрелан на периферијата во Кавадарци.


