Сведочење на лекар: Смртта на Флојд најверојатно е настаната од задушување

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Лекар од Брза помош во болница во Минеаполис денеска сведочеше дека Афроамериканецот Џорџ Флојд најверојатно починал од недостиг на кислород, што ја поддржа тезата на обвинителството, кое го товари поранешниот полицаец Дерек Човин за убиство, бидејќи тој го притискаше вратот на Флојд повеќе од девет минути во текот на неговото апсење во мај минатата година.

Доктор Брадфорд Лангенфелд, лекар од Итната помош кој се обиде да го реанимира Флојд, а подоцна го прогласи за мртов, сведочеше дека заклучил дека Флојд, 46-годишен Афроамериканец, најверојатно починал од асфиксија.

Лангенфелд, кој сведочеше на почетокот на втората недела од судењето, рече дека срцето на Флојд престанало да работи пред да го донесат во болница. Лекарот рече дека здравствените работници од Службата за брза помош му рекле дека претходно околу 30 минути се обидувале да го оживеат Флојд.

Но, тој потенцираше дека не му било кажано дека полицијата вложила напори да го врати Флојд во живот, откако беше уапсен под сомнение дека се обидел да плати со фалсификувана банкнота од 20 американски долари во една продавница, пренесува Гласот на Америка.

Адвокатот на Човин, Ерик Нелсон, го праша лекарот Лангенфелд дали некои лекови може да предизвикаат недостиг на кислород, а докторот потврдил дека фентанилот и метамфетаминот, кои биле пронајдени во телото на Флојд, може да имаат таков ефект.

Човин, кој е белец, работеше во полиција 19 години, се додека не беше отпуштен минатата година по смртта на Флојд.

Тој се изјасни за невин по обвиненијата за убиство од втор степен. Случајот е презентиран пред 12-члена порота, која има претставници на различни раси.

Адвокатот на Човин тврди дека Флојд починал поради здравствени проблеми од кои страдал и дека Човин ги почитувал правилата од полициска обука за време на апсењето.

Инцидентот на 25 мај 2020 година предизвика масовни протести во САД, но и во светот, поради полициското насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот