Сутјетска падна и во Скопје, ТФТ ќе игра финале за место во АБА лигата
Кошаркарите на ТФТ со убедлива победа го потврдија пласманот во финалето во АБА 2 лигата, откако пред домашната публика во Скопје славеа против Сутјеска со 90-77, во меч во кој разликата можеше да биде и поголема.
Препорачано
Гостите парираа само во воведните минути, по што следуваше целосна доминација на избраниците на Боро Смилковски. Домашниот состав одигра на високо ниво и практично не му остави шанси на противникот.
ТФТ рано ја наметна контролата и веќе по првата четвртина имаше двоцифрена предност (29-14). Во вториот период ритамот не се намали, па на полувреме македонскиот тим замина со сигурни плус 16 (50-34).
Истата слика продолжи и во третиот дел, а во последната четвртина ТФТ стигна и до највисоки 23 поени разлика (82-59). Во финишот дојде до мало опуштање, што гостите го искористија за да ја намалат негативата, но без да ја загрозат победата.
Во финалето за пласман во АБА лигата, ТФТ ќе се соочи со Широки Бријег. Дури и во случај на пораз, македонскиот тим ќе има дополнителна шанса, бидејќи би играл бараж против претпоследно пласираната екипа од елитното регионално натпреварување.
Најефикасен во редовите на ТФТ беше Стенли Дејвис Џуниор со 23 поени, го следеше Виктор Ташовски со 19, додека на спротивната страна Кристофер Мартин уфрли 22.


